Фото: Средба Путин- Ердоган/ЕПА

Рускиот претседател Владимир Путин по средбата со турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган во Сочи изјави дека разговорите се одвивале во „конструктивна и деловна атмосфера“.

Двајцата претседатели разговарале за можноста за продолжување на иницијативата на Црноморскиот коридор за жито, договор од кој Русија се повлече.

– Сакаме да го заживееме коридорот за жито, тоа ќе го направиме, но под еден услов. Сакаме нашите земјоделски производи непречено да одат преку морето – рече Путин.

Ердоган рече дека верува оти е неопходно да се продолжи со иницијативата за Црноморскиот коридор за жито, а притоа да се отстранат недостатоците, пренесе „Анадолија“.

– Алтернативните предлози не можат да понудат одржлив, безбеден и траен модел заснован на соработка меѓу страните како што може Црноморската иницијатива за жито – рече Ердоган, додавајќи дека Црноморскиот договор за жито игра клучна улога во глобалната криза со храна, особено за луѓето во Африка.

Покрај начините за заживување на Црноморскиот договор за извоз на жито, двајцата водачи разговарале и за решенија за подобрување на снабдувањето со гас.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека руските гасоводи кон Турција се изложени на постојани напади и додаде дека иако е отворен за враќање на Црноморскиот договор за жито откако ќе се исполнат сите договори релевантни за Москва, снабдувањето на Африка со жито преку Турција и Катар не е алтернатива.

Во август, германскиот дневен весник Билд објави дека владите на Русија, Турција и Катар подготвуваат нов договор за извоз на жито, откако Москва го раскина договорот за жито.