Фото: Аексеј Резников /фејсбук

Министер за одбрана на Украина Алексеј Резников поднесе оставка до претседателот на Парламентот, а на оваа функција ќе биде заменет од Рустем Умеров, шефот на главната украинска агенција за приватизација, кој беше предложен од претседателот Володимир Зеленски, пренесува агенцијата „Танјуг“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Резников денеска на платформата Х (Твитер) напиша дека поднел оставка. Кандидатурата на Умеров мора да биде одобрена од Парламентот пред тој да биде именуван за министер за одбрана.

Умеров (41) е кримски Татар, а роден е во Самарканд, Узбекистан во семејство кое било депортирано од Крим во 1940-тите. Од 2020 година тој е член на работната група на украинската влада која работи на развој на стратегија за ставање крај на руската окупација на Крим.

Како претставник од проевропската партија Холос, тој во септември 2022 година стана шеф на Фондот за државен имот, агенција која продава државен имот на приватни инвеститори.

„Ројтерс“ пренесува дека Умеров е одговорен за тоа што Фондот за државна сопственост немал никакви корупциски скандали откако тој е на чело. Тој ја рестартираше и продажбата на државниот имот, со што се зголемија државните приходи за време на војната.

Умеров, за кој се вели дека е способен преговарач, беше член на украинскиот тим кој преговараше со Русија во март 2022 година, еден месец по почетокот на руската инвазија. Тој, исто така, учествуваше во разговорите за договор за извоз на жито преку украинските пристаништа на Црното Море, како и за размена на заробеници, вклучително и борци од Азов кои беа заробени за време на битката за јужниот град Мариупол во 2022 година.

Тој беше член на делегацијата за време на посетата на Зеленски на Саудиска Арабија во мај, а ја придружуваше првата дама Олена Зеленска за време на нејзината посета на Обединетите Арапски Емирати во март.