Фото: Принтскрин

Научникот Френк Хугербитс од Харлем во Холандија на 3 февруари годинава во 13.03 часот на својот „Твитер“ објавил дека Турција, односно нејзиниот југоцентрален дел во близина на Сирија, Јордан и Либан, како што напиша, „порано или подоцна“ ќе биде погоден од земјотрес со јачина од 7,5 степени.

Она што го предвиде, за жал, се оствари, а тој дел од Турција го погодија страшни земјотреси, при што, според досегашните информации, загинаа над 1.000 луѓе.

По земјотресот утринава во областа, многумина почнаа да ја споделуваат оваа објава како доказ дека земјотресите може да се предвидат.

Но, според експертите, тоа, едноставно, е прашање на случајност.

Научниците сè уште немаат никакви методи или уреди за да ги утврдат точното време и јачината на земјотресот.

Некои сеизмолози тврдат дека не е тешко да се погоди оти ваков разорен земјотрес ќе се случи на југот на Турција бидејќи тоа е тектонски многу активна област во која и во минатото имало разорни земјотреси.