Фото: ЕПА

Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека Европската унија планира да започне постепен процес на интеграција на земјите од Западен Балкан, испраќајќи јасен сигнал дека регионот има место во европското семејство.

По Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Мерц нагласи дека европската перспектива на регионот останува силна и недвосмислена.

 – Јасната порака од денешниот состанок е и ќе остане: Ве сакаме. И сакаме овој регион и земјите во него наскоро да станат членки на ЕУ – изјави германскиот канцелар.

Во рамки на самитот, Германија и Франција претставија нова иницијатива за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и Молдавија. Предлогот предвидува кандидатите постепено да ги користат придобивките од членството уште пред формалниот прием во Унијата.

Меѓу мерките што се предлагаат се привилегиран пристап до единствениот европски пазар, поголемо учество во програмите и политиките на ЕУ, како и можност за присуство на претставници од земјите кандидати како набљудувачи во европските институции.

Според иницијативата, постепената интеграција не треба да биде замена за полноправното членство, туку механизам што ќе го забрза приближувањето кон Европската Унија врз основа на остварени реформи и конкретен напредок.