Паметот нѐ бркаше ама ние, бабуши, успеавме да му побегнеме! Еден од многубројните духовити коментари од славниот стрип Алан Форд. Кажана е вистината. Пропаднал тротоарот во центарот на Скопје. Е, ако де. Градиме, а градењето бара и уривање, нели? Треба да се искористи секоја педа за Скопје да се претвори во вистински Сити како што му доликува на еден европски главен град. Ајде што Скопје агресивно се гради на секој чекор (а има толку многу други позначајни предуслови да се биде велеград), туку и мојот Гостивар, а верувам и другите градови од внатрешноста, борба водат за секоја педа градбен простор. Планините се изорани, со поткусени врвови и начнати утроби за да се дојде до чакал и песок. Чепни овде, чепни онде, остави рани зад себе. Некој како да се обидува да открие нешто значајно. Ако сте забележале, сѐ помалку се спомнува за загаденост. Посебно од минерална прашина, која лета над нашите глави, а потоа наоѓа сместување во градните алвеоли.
Источна, односно некогашна социјалистичка Европа на која западната страна гледаше со потценување, имаше булевари и авении широки како аерописти. Плански поставен градежен амбиент со сите белези на цивилизирана воздушно-копнена зона. На тие булевари и авении слободно можеше да слета некој помал транспортер од типот „иљушин“. Да започнам од Варшава, Киев, Будимпешта, Софија, кои имавме можност да ги посетиме за време на тој „проколнат“ социјализам. Тие градови немаа сити ама дишеа слободно во својот планиран градски и историски идентитет. Од над стотина илјади жители, соседна Тирана дојде до бројка над половина милион. Се празни внатрешноста, градиме градски јадра. Прага е еден од најубавите европски градови, престолнина со целосно зачуван идентитет, ама и таму се кројат планови за сопствено сити со високи кули и бизнис-центри. За Москва ќе кажам дека имаше непрегледни авении и најмалку триста метри зеленило од зграда до зграда. Така беше во доцните седумдесетти од минатото столетие. За време на една посета, можевме да видиме дека просторот од околу 300 метри од зграда до зграда претставуваше парк со практични градби. Тоа беа амбуланти, домови за стари луѓе и, секако, градинки за дечиња. Сепак ни таа руска престолнина не куртули од потребата за деловен центар. Високи небодери и седишта на светски брендови. На големите босови или тајкуни сѐ треба да им биде на дофат на рацете. Се случува копирање, односно пресликување на една од гордостите на пазарна економија. Времето е пари ама и судија, илузија на вечноста, понор за животните текови. Арно ама, никој од тие господа што жарат и палат не се сметаат себеси за смртни. Убедени се дека ќе се најде чаре и за бесконечен животен век. Разиграниот и гороломен бизнис поттикнува стампедо до невозможни граници. Веројатно како плод на сѐ поизразениот скуден интелектуален капацитет на човекот. Скуден вредносен капацитет?
А вештачката интелигенција? Зарем таа не е врвот на научната мисла? Но ако таа е врвот на нашето знаење, тогаш ме чуди како и по толку векови на оваа наша цивилизација, не се стори мунасип да се освои барем уште едно небеско тело од нашата Кумова Слама или Млечен Пат. Вака, се туткаме еден до друг на нашава кутра планета иако стручни лица тврдат дека осумте милијарди популација да стојат еден до друг со раширени раце, едвај ќе ја пополнат територијата на Тексас. Јасно е дека севкупниот потенцијал на човечкиот ум, агресивно ја придвижи волшебната лента на производи за секојдневна употреба. Тие се атрактивни и го бодат окото, а окото ги поттикнува алчноста и егото. Се натпреваруваме, подготвени да газиме сѐ пред себе, ама не сме свесни дека ги гасиме духовните вредности и односите со луѓето. Впрочем, промислата и разумот се карактеристика на разумно суштество. Од пустините заради енергенти, големиот капитал направи земски раеви или можеби утрешни кули од песок. Сетики еднаш ќе секне и нафтата. Нему воопшто не му беше значајно што таму има средновековни монархии, емирати, шеријатски права и неправа и какви се не правила што се косат со западните декларации за демократија. Тоа е истурање сомнителни пари од белосветски извори на луѓе што само за една секунда „ловат“ којзнае колку милијарди зелени банкноти. Туку, да не си го губиме залудно времето оти сѐ е до начинот на приемчивост, на размисла и ставот што го има секој поединец или колективитетите. Оти денес, послушноста не е порок туку ексклузивност за просперитет. Особено за малите држави. Ова како да е доминантен фактор во свеста на по малку чудните поданици на оваа наша планета. Голема енигма за нас простосмртните е дали имаме доволно за да не нѐ вознемируваат многу наши недостижни желби? Ева и Адам имале сѐ во нивниот рајски живот, па посакале многу повеќе. Едноставно, немале со кого да се натпреваруваат и да се расправаат. Тоа значи дека навистина имаме и премногу, но, за жал, не сме свесни за тоа. Толку околу тоа дали имаме или немаме, дали да бидеме горди или покорни.
За разлика од импозантните градби на градските јадра кои се како чички од кактуси што се накреваат кон небото и наликуваат на град од замислените СФ-филмови, во годините по Втората световна војна, Гостивар негуваше занаети и занаетчиски живот. Да бидеш еснаф-човек и да си член на еснафските здруженија беше и чест и одговорност. Се разбира дека има спротивни мислења околу тоа дали социјализмот ги уништи занаетите. Не би се согласил со тоа. Можеби наследена пракса уште од време на Амза – турско, можеби прифатено од пазарните економии на западните општества, а најверојатно и како изворна култура, занаетчиите цутеа во вистинска смисла на зборот. Кога сме кај градбите, имаше тајфи вистински мајстори. Дека занаетчиите дејствуваа со филигранска точност и умеење, потврда е чевелот или кондурата изработена од мајстор Столе, која мораше да „одлежи“ цела седмица на калапот и дури потоа да му биде предадена на муштеријата. На неа може да ѝ позавидат дури и денешните големи чевларски брендови. Рибарско-ловечко мавтање, нели? Напротив! Мал град, а големи занаети и занаетчии. За разлика од тогаш, сега времето на изработка и начинот се како порачани да отрчате повторно и повторно по, во најголем случај, бофл или кусотрајна стока.
Вистинскиот квалитет не е на досег за секого. Имавме калајџии што се грижеа за калаисување на араниите по бачилата и на домашните тепсии. Едни од легендите беа и чика Ѓуша (Стерија) Михајловски и неговите роднини по потекло од славното Крушево. Од шнајдерите или кројачите ќе ги спомнам мајсторите Мемедалија, Живко, Ристо, Самет, Ќирко, Цано. Без разлика дали е занает или не е, имавме и сараф или подвижен банкар, односно човек задолжен за чистотата на вредностите. Тоа беше таткото на покојниот Митко тишлерот, чика Анто. Дали градот личи на град без тенеќеџии или по денешно лимари? Ние ги имавме дедо Голубе и популарниот чика Страхиња–Страко. Неговиот внук истоименик, синот на просветниот инспектор Милиш Смиљановски и правнукот Пепи и денес ја негуваат семејната традиција. Ги имавме и чика Боро саатчијата и ефенди Гали Хопи. Според тогашните потреби, сарачите беа врвот од листата почитувани. Не треба да ги заборавиме ниту наланџиите и папучарите. Имаше и терзии како чика Неофит, Славко и Раде, кои пред сѐ ја продолжуваа вековната традиција за изработка на традиционални носии. Имавме, имавме… Дали сега имаме занаети? Е па, никнаа нови како печурки по дожд. Игри на среќа, продавници за пари, многубројни аптеки и агенции за замајување. А луѓето со наметнатите потреби се претворија во бледи ликови што чекорат како да се зомби. Ништо чудно. Веројатно се збунети бидејќи „имаме премногу“!
Љубомир Јованоски
Авторот е писател

































