Фото: Твитер/Кремљ

Проруските власти од украинските области Луганск и Херсон денеска објавија дека ќе поднесат официјално барање до рускиот претседател Владимир Путин за приклучување кон Русија, ден по референдумите наголемо осудени од Западот.

– Драг Владимир Владимирович … барам од вас да го разгледате приклучувањето на Народната Република Луганск кон Русија, како дел од Руската Федерација – изјави прорускиот лидер Леонид Пасечник.

Како што тој додаде, „свесни сме за историските, културни и духовни врски со мултинационалниот народ на Русија“. Според него, придружувањето на Русија е сон на тамошните жители.

Пасечник, како и лидерот на Доњецк, Денис Пушилин, најави заминување во Москва за да се официјализира приклучувањето кон Русија.

Слично писмо до Путин испрати и Владимир Салдо, лидер на окупациските власти во Херсон.