Лидерката на француското Народно движење, Марин Ле Пен во интервју за група медиуми, меѓу кои и шпанскиот весник „Ел Паис“, изјави дека кога една држава напаѓа друга не постои можност за дистанцирање и оти мора да се заземе став.

Според неа на Русија треба да ѝ се воведат санкции, но не во енергетскиот сектор.

– Ако Русија ја добие војната, тоа ќе биде катастрофално, бидејќи сите земји со територијален конфликт ќе мислат дека можат да го решат тоа со оружје. Ако Украина победи, тоа ќе значи дека НАТО влезе во војна, бидејќи убедена сум дека Украина без помош на НАТО, не може воено да ја победи Русија. А тоа значи дека почна третата светска војна. Доколку продолжиме да испорачуваме оружје на Украина, како досега, се соочуваме со уште една 100-годишна војна, која, со оглед на човечките загуби, е страшна – наведе Ле Пен.

Таа осврнувајќи се на изборите во Франција истакна дека се случува тоа што го предвидела во предизборната кампања односно дека Народното движење има се поголема доверба кај граѓаните.

– За неколку години од најомразената партија во Франција станавме најомилена. Ние никогаш не сме биле екстремни десничари, бидејќи сме радикално против некои принципи карактеристични за таа струја, како што се антипарламентаризмот, отфрлањето на плурализмот и употребата на насилство. Сметаме дека нацијата е политичко срце на нашиот проект – потенцира Ле Пен.

Иако Ле Пен го поздрави дистанцирањето на францускиот претседател Емануел Макрон од САД во однос на Кина, таа упати критика поради европскиот суверенитет.

– За да постои суверенитет треба народ, а нема европски народ нема. Сè уште сум евроскептик и секој ден што минува сум се поскептичена. Не сум скептична кон Европа, туку кон политичката организација на Европа – истакна Ле Пен.

Таа наведе дека доколку дојде на власт, ќе воведе одредба во Устав со која на Французите ќе им се даде приоритет пред странците во пристапот до работни места, домување и социјални бенефиции.