Војната во Украина може да трае со години, изјави за германскиот неделник „Билд ам зонтаг“ генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој додаде дека испраќањето модерно оружје за украинските војници ќе ја зголеми веројатноста за ослободување на провинцијата Донбас од руска контрола. „Мора да се подготвиме за фактот дека тоа може да потрае со години. Не смееме да отстапиме за да ја поддржиме Украина. Дури и ако цената е висока, не само за воената поддршка туку и за зголемувањето на цените на енергијата и храната“, изјави Столтенберг. Пакетот помош за Украина се очекува да биде договорен на состанокот на НАТО во Мадрид, на крајот на јуни, за да може земјата да премине од старото оружје од советската ера на опрема според НАТО-стандардите, изјави Столтенберг претходно оваа недела.

Вработените во супермаркет во Чешка пронашле дури 840 килограми кокаин, во вредност од речиси 80 милиони евра, во кутија со банани доставени во продавницата. Според медиумите, се верува дека испораката до продавниците во градовите Јичин и Ричнов над Кнезноу, на северот на земјата, била доставена по грешка. Рекордното количество на кокаин, кој се проценува дека вреди повеќе од споменатите 80 милиони на улица, пристигнало во продавниците на 10 јуни, спакувано во кутии. Шефот на единицата за борба против наркотици Јакуб Фридрих изјавил за чешкото јавно радио дека се претпоставува дека кокаинот е од Централна Америка и дека полицијата работи со колегите од други земји додека пребаруваат други продавници што добиле кутии од истата пратка.

Најмалку 41 жртва има во поплавите во Бангладеш и Индија, а милиони луѓе останаа без дом. Меѓу загинатите има и деца меѓу 12 и 14 години. Некои од нив загинале при лизгање на земјиштето кон нивните куќи на ридот во пристанишниот град Читагонг. Училиштата сега се засолништа, каде што можат да се сместат жителите на селата што беа поплавени. Од петокот попладне молњите убиле најмалку 21 лице низ јужноазиската држава, изјавија полициски претставници. Синоптичарите соопштија дека поплавите ќе се влошат во следните два дена, со обилни дождови во Бангладеш и во североисточниот дел на Индија. Регионот Силхет сè уште закрепнуваше од најлошите поплави, какви што немало речиси две децении.

Илјадници луѓе излегоа на улиците во Лондон за да побараат од Владата да реагира на големото зголемување на трошоците за живот. Демонстрациите ги организира Конгресот на синдикати на Велика Британија, а по прошетката низ централните улици, демонстрантите се собраа пред парламентот, каде што побараа на вработените во јавниот сектор да им се обезбедат плати од кои ќе можат пристојно да живеат и минималната саатница да биде 15 фунти. Портпаролот на Министерството за финансии изјави дека Владата им дала помош на осумте милиони најсиромашни семејства, на кои годинава им биле исплатени 1.200 фунти, а на секое домаќинство му дала по 400 фунти за плаќање на сметките за енергија. Конгресот на синдикатот во соопштението рече дека секој работник изгубил речиси 20.000 фунти од 2008 година, бидејќи платите не биле во чекор со инфлацијата.

Подготвил: Митко Јовановски