Како проект поддржан од Министерството за култура, во рамките на годинашната програма за култура, излезе од печат публикацијата „Плави вјесник, 9-та уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае“ на авторот Александар Стеванов од Штип. Станува збор за истражувачка студија раскажана со фабуларна структурираност, на која Стеванов започнува да работи уште во 2015 година. Во неа тој дава преглед на популарното хрватско списание „Плави вјесник“, кое излегува во периодот 1954-1973 година, и од македонска перспектива ги обработува содржините објавени во него, примарно оние поврзани со стрип-уметноста.

„Плави вјесник“, миловно познат како „Плавец“, е култна хрватска периодична публикација, своевремено исклучителнo популарнa на просторот од Вардар до Триглав, пишува во својата рецензија кон книгата дипломираниот драматург Сашо Гачев. Од списанијата од ваков тип, по тиражите и популарноста во бивша Југославија заостанува само зад „Политикин забавник“. Објавен е во речиси илјада броја, а иако не се редовна појава, раштркани во нив се наоѓаат голем број содржини што се битни за македонската култура и визуелна уметност. Прелистувајќи над 10.000 страници текст, авторот Александар Стеванов ги пронашол сите, ги прибележил и минуциозно ги запишал во книгата „Плави вјесник, 9-та уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае“. Како што, впрочем, открива насловот, во неа преку спојот на тие три нешта, тој дава приказ на ова загрепско списание, ставајќи акцент на стрипот и особено на оној поврзан со Македонија. Притоа, тој ни открива една возбудлива и досега непозната епизода од историјата на македонскиот стрип.

Во дваесетте години живот, во кои во издание на загрепски „Вјесник“ излегува во вкупно 970 регуларни броја, „Плави вјесник“ се стекнува со огромна читаност. Со многубројните сликонизни содржини објавувани во него, тој е меѓу првите публикации што во повоена Југославија дејствуваат во насока кон разурнување на негативниот стереотип за стриповите, давајќи придонес за враќањето на популарноста на оваа уметност. Како што открива Стеванов во својата книга, во „Плави вјесник“ излегуваат низа содржини на македонска тематика. Како дописници на списанието, некои од нив се во авторство на идни македонски истакнати културни дејци, меѓу кои подоцнежните универзитетски професори Горан Стефановски, Ферид Мухиќ и Јован Корубин. Од содржините поврзани со Македонија, особено внимание заслужуваат два стрипа на тема од македонската национална историја, кои по сценарија на Руди Аљиновиќ ги илустрира таткото на хрватскиот стрип Андрија Мауровиќ. Особено внимание заслужуваат и стриповите „Капетан Леши“ на Жика Митровиќ и Јулио Радиловиќ-Јулес, во кои се појавуваат нацртани неколку македонски актери, како и првото место што на вториот стрип-конкурс распишан од „Плави вјесник“ го освојува Љупчо Филипов од Скопје.

Авторот на книгата, стрип-хроничарот Александар Стевано се потпишува како автор на десетина други публикации, меѓу кои и на неодамна објавениот четврти том од едицијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Во неговата професионална биографија стои дека е добитник на петнаесетина награди. Зад себе има учество на голем број групни стрип-изложби и на една самостојна, а учествувал и на неколку стрип-колонии. До крајот на годината се очекува да излезе уште една публикација во негово коавторство, а ангажиран е и во меѓународен проект за историски стрип поддржан од Европската Унија, како селектор на македонските стрипови предвидени да бидат изложени во повеќе земји.