Фото: пиксабеј

Дроновите се сеприсутни во воената зона во Бахмут, дел од нив на стотина метри од линијата на фронтот, при што се смета дека напорите на Украина за задржување на градот опфатен во жестоки битки, би биле значително отежнати, а можеби и невозможни, пишува „Гардијан“.

Но меѓу Украинците постои загриженост дека Русите се блиску до спротивставување на најпопуларните модели на беспилотни летала, на кинескиот производител „Ди-Џи-Ај“ според тројца украински оператори на дронови.

– Тие се подготвени и произведуваат специјални системи за попречување. Верувам дека за три-четири месеци, дроновите на „Ди-Џи-Ај“ ќе станат неупотребливи. – вели 31-годишниот украински специјалист за дронови, Јарослав, за начинот на кој Русите ги сузбиваат беспилотните летала.

Таквата ситуација би отворила трка за снабдување со замени, со оглед на важноста на дроновите во досегашниот тек од 14-месечниот конфликт.

Операторите на дронови спроведуваат разузнавачки акции, ги следат непријателските напади или бараат цели, вклучувајќи ја руската артилерија. Тие исто така ѝ пружаат помош на украинската артилерија при нишанење, а повремено спроведуваат акции и со оружени дронови.

Дроновите на „Ди-Џи-Ај“ добија забрана за користење во Украина и во Русија од страна на кинеската компанија пред речиси една година, но всушност се купуваат во големи количества преку донатори од Европа и од САД и пренесуваат преку границите, откако се покажаа како ефективни во војната. Но нивната полза постепено се намалува, откако Русите успеаја преку технолошки помагала да го намалат нивниот досег.

Еден од украинските оператори вели дека кинеските дронови ќе треба да се заменат со поскапи беспилотни летала со долг домет, како што е моделот „Лелека 100“ што чини околу 50 илјади долари и има домет до 100 километри, во комбинација со т.н. „камикаѕе-дронови“.

Експертот за дронови во американскиот Центар за поморски анализи, Семјуел Бенет смета дека промената на технологијата што се користи би можела да биде од корист за Украина.

– Ова е технолошка трка, не само меѓу армиите, туку и меѓу доброволците, со нивните сопствени технолошки арсенали – заклучува Бенет.