Фото: ЕПА

Не учествуваме во идеолошка конфронтација, геополитички игри или во блоковска политичка конфронтација. Се спротивставуваме на едностраните санкции, на економската присила и прекинувањето на врските. Кина не тежнее кон изолирана и сопствена модернизација и е подготвена да вложи сили да спроведе модернизација на сите земји во светот. Ваквата кинеска политика го зголемува протокот на стоки, капитал, технологија и човечки ресурси во земјите што учествуваат во оваа иницијатива, нагласи претседателот на Кина, Си Џинпинг, на церемонијата на отворањето на третиот меѓународен форум „Еден појас, еден пат“

Отворен меѓународниот форум на „Појас и пат“ во Пекинг

Кина ќе го забрза развојот на економските врски со Европската Унија, а ќе се вклучи и во организирање форум за меѓународна соработка и за изградба на нов логистички канал во Азија и Европа, кој ќе биде поддржан со проекти од железничкиот и патничкиот сообраќај. Наедно, кинеските власти ќе ја забрзаат изградбата на новиот копнен, поморски и воздушен коридор на „Патот на свилата“. Ова се дел од осумте големи чекори што ќе ги преземе Пекинг во наредниот период, кои ги соопшти кинескиот претседател Си Џинпинг на отворањето на третиот меѓународен стратегиски форум „Појас и пат“ во Пекинг.

Продолжување со прагматичната соработка

Како што пренесоа светските агенции, кинескиот претседател ги искажал заложбите дека преку иницијативата „Појас и пат“ ќе продолжи да ја поддржува изградбата на отворена светска економија. Исто така, Кина ќе иницира зона за соработка во е-трговијата, како и за потпишување договори за слободна трговија и за заштита на инвестициите со голем број земји, наедно и целосно ќе ги укине ограничувањата за пристап на странски вложувања во производствениот сектор.
Кинескиот претседател Си Џинпинг најави дека ќе продолжи со прагматичната соработка и во таа насока Кинеската развојна банка и Извозно-увозната банка на Кина ќе отворат финансиска рамка во вредност од 48,75 милијарди долари. Преку фондот на „Патот на свилата“ ќе бидат собрани дополнителни 11 милијарди долари за поддршка на заедничката изградба на проекти од оваа иницијатива, кои ќе бидат поставени на пазарни и трговски принципи, пренесува „Евроњуз“. Кинеските власти ќе се посветат и на промовирање на зелениот развој и на продлабочување на соработката во зелената инфраструктура и ќе изградат механизам за дијалог и размена за фотонапонската индустрија.
– Кина на годинашниов форум ќе предложи иницијатива за глобално управување со вештачката интелегенција и е подготвена да го засили и дијалогот со другите земји за остварување здрав, уреден и безбеден развој на глобалната вештачка интелегенција – изјави Џинпинг.

Пекинг е против блоковската политика

Кинескиот претседател во своето обраќање на отворањето на форумот нагласи дека Кина не ја прифаќа блоковската политика и дека се противи на едностраните санкции.
– Не учествуваме во идеолошка конфронтација, геополитички игри или во блоковска политичка конфронтација. Се спротивставуваме на едностраните санкции, на економската присила и прекинувањето на врските. Кина не тежнее кон изолирана и сопствена модернизација и е подготвена да вложи сили да спроведе модернизација на сите земји во светот. Ваквата кинеска политика го зголемува протокот на стоки, капитал, технологија и човечки ресурси во земјите што учествуваат во оваа иницијатива – нагласи Си Џинпинг на церемонијата на отворањето на третиот меѓународен форум „Еден појас, еден пат“, на кој присуствуваат повеќе илјади кинески и странски делегати, од 130 земји и 30 меѓународни организации.
Рускиот претседател Владимир Путин, говорејќи на форумот „Појас и пат“ во Пекинг, рече дека Русија и Кина ја споделуваат желбата за еднаква заемно корисна соработка, со цел да се постигнат долгорочен економски напредок и социјална благосостојба, притоа почитувајќи го правото на секоја земја на сопствен развоен модел.
Путин посочи дека кинеската иницијатива „Појас и пат“ е во согласност со руските идеи за формирање голем евроазиски простор, каде што ќе бидат поврзани различни интегративни процеси, вклучувајќи ја и Евроазиската економска унија, пренесува „РИА новости“.
Според Путин, оваа иницијатива, изградена врз такви основни принципи, добро се вклопува со процесите на интеграција што се развиваат во различни региони.
Кина стана главен трговски партнер на повеќе од 140 земји во регионот, а станува и главен извор на инвестиции за сѐ поголем број земји, пренесува „Ројтерс“. На самитот во Пекинг се одржува и деловен форум, на кој се постигнати договори за соработка во вредност од 97,2 милијарди долари. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Пекинг изјави дека во Кина се потпишани рекорден број договори за соработка со таа земја, дури 18, а тоа се документи што предвидуваат стратегиска соработка.
– Верувам дека она што го постигнавме во Кина има историско значење и карактер, што ќе се покаже во годините и децениите што следуваат – нагласи Вучиќ.
Портпаролот на унгарската влада соопшти дека унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна со рускиот претседател Владимир Путин на форумот во Кина. Унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) објави дека лидерите разговарале за билатералната соработка во однос на транспортот на природен гас и нафта, како и за нуклеарната енергија. Орбан е првиот лидер на земја-членка на Европската Унија што се сретна со Путин откако Меѓународниот кривичен суд издаде меѓународна потерница за Путин оваа година за воени злосторства и војната во Украина. Унгарскиот лидер му порача на рускиот претседател дека е клучно за цела Европа да се спречат протокот на бегалци, санкциите и борбените операции.


Наредба од Израел: Жителите на Газа да се евакуираат!

Израел им нареди на 1,1 милион жители од северот во Појасот Газа да се преселат на југ додека се подготвува за копнена офанзива во градот Газа.
Градот Газа и бегалскиот камп Џабалија се особено густо населени центри, а израелските воздушни напади принудија илјадници луѓе веќе да ги напуштат своите домови. ОН предупредија дека сметаат дека е невозможно да се случи такво движење без тешки хуманитарни последици.
Меѓутоа, Израел вели дека Хамас намерно се интегрирал меѓу општата популација, каде што цивилните жртви би биле неизбежни доколку не заминат.

Подготвил: Митко Јовановски