Фото: ЕПА

По избувнувањето на воениот конфликт на Блискиот Исток

Цената на природниот гас во Европа се зголеми во текот на изминатата недела, поради неизвесноста на пазарот предизвикана од ескалацијата на кризата во Израел и Газа. Цената на холандскиот ТТФ, која е европскиот репер за берзанската цена за природен гас, порасна за 41 отсто и минатата недела достигна осуммесечен максимум од 56 евра за мегават-час. Цената на гасот е повисока за повеќе од 50 отсто за еден месец, но сепак е помалку од половина од берзанската вредност пред една година.
На ценовните промени влијае и глобалната несигурност во снабдувањето со гас, откако американскиот нафтен гигант „Шеврон корп“ го запре производството на морската платформа за природен гас Тамар во близината на северниот брег на Израел, додека трае конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Се верува дека наоѓалиштето Тамар содржи повеќе од 300 милијарди кубни метри гас, што е еквивалент на годишниот европски увоз на природен гас. Полето обезбедува 70 отсто од енергетските потреби на Израел за производство на електрична енергија.
Долготрајното исклучување на ова наоѓалиште би резултирало со пад на извозот на израелски гас за неговите соседи, вклучувајќи го и Египет, кој обезбедува извоз на гас на европскиот пазар.
Годинава се очекува извозот на Египет да биде 7,5 милиони тони, а најголемиот дел е наменет за Европа и Турција.
Лоши вести има и на пазарот од целиот свет. Синдикатите во Австралија соопштија дека ќе продолжат со штрајковите на наоѓалиштата на гас во Горгон и Витстоун, кои обезбедуваат околу 6 отсто од светскиот ЛНГ. М.Ј.