Фото: Си Џинпинг/официјален фејсбук профил

По средбата со американскиот државен секретар во Пекинг

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска во Пекинг се сретна со американскиот државен секретар Антони Блинкен во услови на зголемени тензии меѓу двете светски велесили, јави ДПА.

До средбата, што беше потврдена во последен момент, дојде на вториот ден од посетата на шефот на американската дипломатија на Кина.

Си ги опиша разговорите како „многу добри“ и рече дека „двете страни, исто така, постигнале напредок и постигнале договор за некои специфични теми“.

– Односите меѓу државите секогаш треба да се темелат на меѓусебно почитување и искреност – рече Си, додавајќи дека се надева дека посетата на Блинкен ќе помогне во „стабилизирање на односите меѓу Кина и САД“.

Ова е првата посета на американскиот државен секретар на Кина од 2018 година.

Соопштувањето на веста дека Си ќе разговара со Блинкен се смета за посебен гест и знак дека Пекинг сака да ги изглади зголемените тензии меѓу ривалските сили.

Разговорот со Си доаѓа по два дена интензивна билатерална дипломатија.

ДПА потсетува дека Блинкен, претходно денеска, исто така, се сретна со највисокиот официјален претставник на надворешната политика на Пекинг, Ванг Ји, кој во хиерахијата на моќта во Кина се наоѓа над шефот на дипломатијата, Чин Ганг.

Според кинеските државни медиуми, Ванг изјави дека посетата на Блинкен доаѓа во „критички момент за кинеско-американските односи“, кои се во „надолна линија“.

Блинкен, вчера, 7,5 часа разговараше и со министерот Чин – што беше многу подолго време од планираното.