Инспекторите на Агенцијата за атомска енергија на ОН (ИАЕА) откриле дека околу 2,5 тона природен ураниум во Либија исчезнале од место каде што биле складирани, кое не е под владина контрола, се вели во информацијата што ја испрати агенцијата во средата до земјите-членки.
Исчезнувањето на ураниумот било утврдено со инспекција што била планирана за 2022 година „но морала да биде одложена поради безбедносната ситуација во регионот“ и била извршена во вторникот, објави директорот на ИАЕА, Рафаел Гроси.
Инспекторите на ИАЕА „откриле дека недостигаат 10 контејнери со приближно 2,5 тона природен ураниум, претходно пријавени од Либија на таа локација“, се вели во соопштението на ИАЕА. Агенцијата наведува дека ќе спроведе „други активности“ за утврдување на околностите за отстранување на ураниумот од местото каде што бил складиран, но не ја именуваше локацијата.
Исчезнувањето на нуклеарниот материјал може да значи радиолошка опасност и легитимни безбедносни грижи, предупредува ИАЕА. Притоа се додава дека доаѓањето до тоа место може да биде опасно и дека дури и да се стигне до таа локација треба „сложена логистика“.
Во 2003 година, Либија, со која тогаш владееше долгогодишниот лидер Моамер Гадафи, се откажа од својата програма за нуклеарно оружје иако претходно набави центрифуги за збогатување ураниум, како и планови за правење нуклеарна бомба, во која не напредуваше далеку. Либија не доби мир откако Гадафи беше сменет од власт со помош на кампањата на НАТО во 2011 година. Од 2014 година, политичката контрола во земјата ја имаат две ривалски фракции. Мировниот план на Обединетите нации на почетокот на 2021 година формираше преодна влада, која требаше да ја води земјата до изборите во декември истата година, но тие сè уште не се одржани.