Фото: Антонио Гутереш/официјален инстаграм профил

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска на Мировниот самит во Каиро изјави дека сега треба да се дејствува за „да се стави крај на кошмарот“ и побара „хуманитарен прекин на огнот“ на петнаесеттиот ден од војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Појасот Газа.

„На луѓето во Газа им треба многу повеќе, потребен е огромен прилив на помош“, рече Гутереш, мислејќи на фактот дека утринава првите 20 камиони со хуманитарна помош преминаа од Египет во Газа под израелска опсада и гранатирање.

Според ОН, тој број на камиони е недоволен и треба да пристигнуваат по 100 камиони дневно за 2,4 милиони жители на Газа на кои им недостига сè, храна, вода, струја и гориво.

Помошта дојде од Египет преку преминот Рафа, единствениот излез од Газа што не е под израелска контрола, по договорот објавен во средата од американскиот претседател Џо Бајден.

Гутереш вчера беше во Рафа на граничниот премин меѓу Египет и Газа.