Фото: Влада

Службата за информирање при Владата на Косово потврди дека петмината европски емисари му предложиле на премиерот Албин Курти нов план за продолжување на преговорите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти, како што соопшти владината служба, им се заблагодарил на дипломатите за новиот предлог на западните земји и навел дека за такво нешто разговорите треба да продолжат интензивно.

Косовскиот премиер им напоменал на западните дипломати дека главен приоритет и итно прашање за Косово е неговата безбедност, по терористичкиот напад во Бањска на 24 септември, каде што беше убиен припадник на полицијата.

Во соопштението од кабинетот на Курти се наведува дека тој на дипломатите им рекол оти казнувањето на Србија, која Приштина ја смета за нарачател и извршител на терористичкиот напад во Бањска во северно Косово, е „пресудна за неповторување на вакви напади“.

Тој на средбата изјавил дека е неопходно да се има квалитативно размислување и да се има нов пристап, осврнувајќи се на разговорот за нормализирање на односите, односно спроведувањето на Основниот договор и Анексот за имплементација.

– На средбата се разговараше за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија, поточно за имплементацијата на Основниот договор (Брисел, 27 февруари) и неговиот анекс за спроведување (Охрид, 18 март). Премиерот на Косово истакна дека е неопходна квалитативна рефлексија и нов пристап. Петмината емисари го изложија својот нов план за напредување, за што премиерот изрази благодарност и благодарност. Дискусиите треба да продолжат интензивно, се наведува во соопштението.

Курти, заедно со првиот потпретседател на Владата, Бесник Бислими, ги примија денеска специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и воедно специјален пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар и советниците за надворешна политика и безбедност на канцеларот на Германија, Олаф Шолц и на претседателот на Франција, Емануел Макрон , Јенс Плотнер и Емануел Боне, како и заменик советникот дипломат на премиерката на Италија, Џорџа Мелони, Алесандро Катанео.