Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска предупреди дека глобалните нарушувања и нестабилноста, со повеќе геоекономски тензии на хоризонтот, се „новото нормално“.

– Оваа 2024 ќе биде одлучувачка година, со очекувани повеќе геоекономски тензии од Црвеното Море до Тајванскиот Теснец, што исто така значи почести прекини на синџирите на снабдување и поголема нестабилност на енергетските пазари. Меѓународната конкуренција станува се потешка. Тоа е новото нормално со кое треба да се справим – посочи Лајен на прес-конференцијата за климата во Хамбург.

Таа истакна почестите екстремни временски прилики значат дека Европа треба да се здружи „како никогаш досега“ за да се соочи со предизвиците.

Според Лајен, ЕУ брзо реагираше за да ја ограничи својата зависност од рускиот гас по целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година.

Фон дер Лајен се заложи и за дополнително намалување на цените на енергијата, а за тоа да се случи, според неа, потребни се „вистински одлуки за инвестирање“, односно ЕУ да генерира повеќе енергија од ветер и сончева енергија отколку од гас.