Фото: ЕПА

Атлантскиот совет од Вашингтон, кој е специјализиран во областите на антимонополот, трговското и енергетското право и прашањата за политиката на Европската Унија, во своето опсежно истражување тврди дека „мноштво европски поборници за повторен увоз на руски гас извесно време молчеа“ и дека очигледно „нивните аргументи ќе натежнат со доаѓањето на вистинска зима, со недостигот од гас, со падот на индустриското производство и реалната економија, како и воопшто со порастот на цените на производите за граѓаните“…

Анализа во американскиот „Нешенел
интерест“: Во Европа постои и расположение различно од официјален Брисел

Во текот на изминатите 50 години, западноевропските енергетски компании развија длабоки деловни, а и лични врски прво со советската, а потоа со руската гасна индустрија. Најголем експонент на овие односи и интереси е поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој како германски канцелар го отвори патот за проектот за гасоводот Северен тек 1, станувајќи претседател на неговиот одбор по напуштањето на канцеларството. Заедно со овој бизнис, Шредер беше упорен поборник за постојано зацврстување на германско-руските енергетски врски.

Многу европски деловни и политички лидери сакаат работите да се вратат во нормала, што е можно поскоро

За поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, како и за многу други од енергетскиот сектор во Европа, судирот на европскиот континент меѓу Русија и Украина „не мора да значи крај на бизнисот“,наведува во анализата за „Нешенел интерест“ Алан Рајли, виш соработник во аналитичкиот центар „Атлантски совет“ од Вашингтон, кој е специјализиран во областите на антимонополот, трговското и енергетското право и прашањата за политиката на Европската Унија.
Во моментов факт е дека бизнисот на „Газпром“ со извоз на руски гас од гасоводи во ЕУ е целосно пропаднат. Сепак, и покрај тоа, многу европски деловни и политички лидери сакаат работите да се вратат во „нормала“ што е можно поскоро. На пример, во Германија, премиерот на Саксонија веќе подолго време бара поправка на гасоводот Северен тек 1 и обновување на испораките на руски гас. Понатаму, тоа е случај и во Италија, каде што за претседател на италијанскиот енергетски гигант ЕНЕЛ е избран Паоло Скарони, еден од членовите на руско-италијанската енергетска заедница.

Што е „решредеризација“

Според Алан Рајли, виш соработник во аналитичкиот центар „Атлантски совет“ од Вашингтон, „не е премногу тешко да се препознае тоа. Тимот со слоганот ’бизнис како и обично’, предводен токму од луѓе како Шредер и Скарони, ќе навива и ќе се залага за склучување договори за повторен проток на гас со Москва“.
Во исто време, на прв поглед, „решредеризацијата“, како што авторот на анализата го нарекува овој евентуален иден процес, изгледа како „невозможна мисија“.
Од почетокот на војната во Украина, увозот на руски гас од гасоводи во Европа е намален од 40 на само околу 5 отсто. Германија, најголемиот руски увозник на гас, во меѓувреме обезбеди неколку нови терминали за ЛНГ, поточно пловечки бродови со ЛНГ за увоз на ЛНГ (течен природен гас). Германските министри постојано повторуваат и истакнуваат клучни позиции поврзани со енергетската диверзификација.
Така, Германија ќе увезува норвешки природен гас, ЛНГ, енергија од ветер, сончева енергија – накратко сè освен руски гас. Сепак, рускиот природен гас не исчезна целосно од радарот. Имено, иако рускиот увоз преку цевководи пропадна, увозот на руски ЛНГ е зголемен. Поконкретно, низ ЕУ, рускиот увоз на ЛНГ сега е на второ место, веднаш зад американскиот увоз на ЛНГ.
Што е уште поважно, во анализата се тврди дека „системот за економска и политичка поддршка за увоз на руска енергија низ Западна Европа не исчезна. Можеби во моментов има тенденција да биде помалку видливо, но тој систем е подготвен повторно да се активира и да го турка рускиот гас кон Европа во првиот погоден момент. Тука е споменатиот премиер на Саксонија, Михаел Кречмер, а интересно е што тој како оправдување за ова ја користи политиката на затворање на германските нуклеарни централи – од кои последните три беа затворени на 15 април“.

Најмногу германски поддржувачи за увозот на енергенти од Русија

Според анализата за „Нешенел интерест“, „овој пример на барање за обновување на испораките на руски гас преку Северен тек 1 се вклопува во пошироката стратегија на германските поддржувачи на увозот од Русија. Тие многу добро знаат дека ќе биде тешко да се снабди Германија со доволно количество енергија од алтернативни извори, а притоа ефикасно да се прекине увозот на руски гас. Загубата предизвикана од затворањето на вкупно шест нуклеарни централи во последните три години ја зголемува побарувачката за повеќе енергија од другите центри за набавки, а ограничувањата во планирањето ја отежнуваат дистрибуцијата на енергијата од ветер преку зголемен капацитет на мрежата онаму каде што е потребно“.
Во исто време, никој не сака масовно да ја зголеми употребата на јаглен – иако, како што забележува авторот, тоа исто така се случува. Сè што навистина им е потребно на германските поборници на руската енергија е една навистина студена зима. А според анализата, тука се и Кинезите, кои за своите потреби купуваат доволно течен природен гас. Во тој момент ќе ги има сите аргументи за поправка на Северен тек 1 – по цена од 500 милиони долари – и враќање на вообичаеното работење.
Во исто време, ова не би бил аргумент што би бил претставен само во Германија. „Шредеризацијата“, според која европските политичари и бизнисмени бараат и поддржуваат длабоки врски со рускиот енергетски пазар, беше и останува карактеристика на западноевропскиот енергетски сектор како целина, не само во Германија. Сега, како што наведува аналитичарот Рајли, „решредеризација“ може да се види и на сцената во Италија, каде што десничарската влада на Џорџа Мелони, поддржана од коалициското крило на Силвио Берлускони, го именува Скарони за претседател на ЕНЕЛ. Скарони претходно беше извршен директор на друг италијански енергетски гигант, ЕНИ, и разви силна енергетска врска со Русија. Скарони има цврст став дека на Италија ѝ треба руски гас во следната деценија и се спротивстави на санкциите против Кремљ. Според анализата, „не е тешко да се види дека Скарони наскоро ќе се координира со проруските играчи во германскиот енергетски естаблишмент за да се поттикне реувозот на рускиот гас“.
Анализата на Алан Рајли, виш соработник во аналитичкиот центар „Атлантски совет“ од Вашингтон завршува со заклучок дека сè би било во полза на аргументите на оние што се согласни со поранешниот германски канцелар Герхард Шредер кога би имало „студена зима, ограничен пристап до ЛНГ и високи цени на енергијата“, при што потребата за енергенти на западноевропскиот енергетски сектор ќе влезе во полн ек во тој момент, заклучува Алан Рајли. Р.Н.М.