Фото: Европска комисија

Сѐ повеќе европски политичари зборуваат за ризиците од Трета светска војна, апелирајќи да не дојде до ескалација на конфликтот во Украина.

Неопходно е да ѝ се помогне на Украина, но и да се избегне ескалација и влегување во војна со Русија, бидејќи во тој случај би започнала Трета светска војна, изјави денеска шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

– Едно е јасно, потребно е да и се помогне на Украина колку е можно повеќе, но и да се избегне ескалација на војната. Треба да спречиме војната да се прошири во други земји и да војуваме со Русија. Тоа би била трета светска војна – истакна Борел во интервју за француското радио „Франс Инфо“.

Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг вели дека не е оптимист оти може да се стави крај на украинската криза преку дипломатија и предупредува на опасноста од избувнување на Третата светска војна.

Шаленберг за австриската телевизија „Пулс 24“ изјави дека мора да се работи на враќање на преговарачка маса, додавајќи оти НАТО внимава да не биде вовлечен во оваа војна.

Шведскиот министер за одбрана Петер Хултквист изјави дека доколку НАТО испрати свои војници во Украина, каде што во тек е руска специјална воена операција, тоа ќе ја доведе Европа на работ на светска војна.

– Ако НАТО или Западот влезат со војници, тогаш подгответе се за Трета светска војна, а тоа никој не го сака – посочи Хултквист.