Редовното чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали e еден од приоритетите на Општината во насока на овозможување непречен проток на атмосферските води, за спречување на настанување на поплави и обезбедување чиста животна средина како еден од условите за квалитетен живот на населението.
Во населеното место Кадино е извршено машинско чистење на каналот Шамак, во должина од 1.200 метри, а по барање на граѓаните, на улицата 6 машински се исчистени канали ендеци во должина од 350 метри и помошни канали во должина од 300 метри. Исто така, во должина од 350 метри машински целосно е исчистен каналот од улицата 532 кон помошниот канал на главниот канал во локалната економска зона Марино-Кадино, а во координација со ЈКП Илинден, на улицата 50 во населеното место Марино е извршено рачно чистење канал ендек во должина од 300 метри.
– Во тек е чистење на помошните канали на каналот Азмак во Кадино, при што од предвидените 1.000 метри, се исчистени 350 метри. Во согласност со предвидената динамика во тек е чистење и на помошните канали на главниот канал во локалната економска зона Марино-Кадино, во должина од 1.100 метри, од вкупно предвидените 1.600 метри – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека, за да се обезбеди проточност на каналската мрежа, во рамките на Акцискиот план за чистење на каналската мрежа на територијата на општината Илинден за 2022 година и Годишната програма на општината, во координација со АД „Водостопанство-Скопско Поле“ – Скопје, ЈКП „Илинден“ и граѓаните, од почетокот на годината досега се исчистени околу 4.000 метри отворени одводни канали.
Водниот надомест за редовното одржување, чистење и нивелирање на отворените одводни канали во име на граѓаните како корисници на овие објекти од јавен интерес го плаќа Општината, така што за оваа намена од буџетот на Општина Илинден за 2022 година се издвоени средства во висина од 4.205.520,00 денари.