Додека се бара мировно решение, реката бегалци не престанува

По Белорусија, Франција, Кина и Израел, и Турција понуди да посредува во конфликтот меѓу Русија и Украина, а за денеска е закажана средба меѓу министрите за надворешни работи на Русија и на Украина, Сергеј Лавров и Дмитриј Кулеба. Турција е добро место за средба, бидејќи таа има традиција и умешност да игра со двете суперсили, со НАТО и Русија, велат експертите

Кој ќе ја добие титулата за најуспешен посредник во украинската криза

Обидот за решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина на преговарачка маса е голем чекор сам по себе. Миротворната иницијатива секогаш наоѓа голем одзив и воодушевување кај сите оние кај кои мирот, добрососедството, просперитетот и благосостојбата на човештвото се приоритет. Во тој контекст, и појавата на добронамерните медијатори за посредување на руско- украинскиот конфликт е за поздравување и во светската јавност се дочекува со одобрување. По првичниот шок и воздржаност на државите и светските лидери во делот од иницијативите за смирување на тензиите на конфликтот, сега веќе расте бројот на кандидати за посредници во насока на мирољубиво решавање на судирот.

Се нижат кандидатите за посредници

Белорусија веќе организира три рунди преговори меѓу делегациите на Русија и на Украина. На самиот почеток на кризата впечатлива беше иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој прв се обиде да посредува со тоа што најпрво отиде во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа и во Киев се сретна со Володимир Зеленски. Од она што е досега познато, се обидуваат да посредуваат и Турција и Израел, додека последната понуда стигна од Кина.
Според експертите, Турција е погодна земја за преговори меѓу Русија и Украина, бидејќи, како што велат, води повеќеслојна политика и е обезбедена со рамнотежа меѓу НАТО и Русија. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и неговиот украински колега Дмитриј Кулеба се договорија за состанок што ќе се одржи денеска, на Дипломатскиот форум во Анталија, во јужна Турција. Тоа го потврди турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавусол. Украина истакна дека разговорите ќе се одржат доколку тие се значајни. Турција, која ги дели границите со Русија и Украина во Црно Море, постојано нуди помош за посредување на двете страни во конфликтот.
Од друга страна, Израел, како држава поради фактот што има многу Израелци со руско потекло и Украинци со еврејско потекло, има добра почетна точка за посредување. А токму од Израел протекоа некои детали од понудата што рускиот претседател му ја дал на украинскиот лидер преку израелскиот премиер. Според новинарот Барак Равид, стациониран во Тел Авив и вообичаено добро запознаен со настаните во израелското државно раководство, официјални лица директно запознаени со разговорите велат дека забележале „омекнување“ и на Москва и на Киев во последните 24 часа: Русите велат дека сега бараат само „демилитаризација“ на Донбас, а не на цела Украина, додека претседателот Володимир Зеленски за Еј-би-си њуз изјавил дека се „оладил“ од идејата за влез на Украина во НАТО.

Израелците сметаат дека има нов, но здрав исчекор кон дипломатско решение

Израелските власти се надеваат дека ова се знаци дека е можен дополнителен напредок кон дипломатско решение. Како што е познато, израелскиот премиер, Нафтали Бенет, во саботата беше во ненајавена посета на Владимир Путин во Москва и оттогаш се впушти во вистинска дипломатска офанзива, остварувајќи неколку телефонски разговори дневно со клучните актери, меѓу кои Путин, Зеленски, германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон. Тој во вторникот имал уште еден разговор со Зеленски за напорите да се постигне примирје, по што му се јавил на Путин, кому му ја пренел пораката од украинскиот лидер. Кремљ соопшти дека Путин му ги пренел на Бенет резултатите од третата рунда разговори меѓу руската и украинската делегација одржана во понеделникот во Белорусија.
Порталот „Аксиос“ наведува дека Бенет сè уште не им презентирал ниту еден од своите планови на Зеленски и Путин, но дека моментално дејствува како еден вид курир меѓу двајцата.
На состанокот со Путин, Бенет ги истакна идеите што ги слушнал во разговорите со Украина и претставниците на другите земји, вклучувајќи ги и Германија и Франција, за да ја види реакцијата на рускиот претседател и да објасни дали е флексибилен или не во однос на неговите услови за прекин на огнот. Според израелските власти, како што пренесува „Аксиос“, на Зеленски му е тешко да се прифати предлогот на Путин, но тој не е толку екстремен како што очекуваа. Тие додаваат дека предлогот на Путин не подразбира промена на власта во Киев и дозволува Украина да го задржи својот суверенитет.
Според Израелците, Зеленски сега е на пресврт и мора да избере помеѓу две опции: да го прифати рускиот предлог, кој е исклучително тежок, но да ја задржи независноста на Украина и да ја запре војната, или да го одбие предлогот и да ризикува сериозна ескалација на руски напад, што може да заврши со катастрофа за Зеленски и за цела Украина.
Што се однесува до Кина, според аналитичарите, таа е глобална сила, која инаку е ривал на Америка и кооперативен соработник на Русија.

Кремљ: Украина мора да признае дека Крим е руски, а ЛНР и ДНР -независни држави

Народна Република Донецк и Народна Република Луганск се суверени, независни држави – Украина и властите на другите земји треба да го признаат тоа – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој се осврна на изјавата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој во интервју за американската телевизија Еј-би-си њуз ја коментираше можноста за признавање на Крим и независноста на републиките во Донбас и рече дека има шанса да се најде компромис за иднината.
Прво, што се однесува до нијансите, веројатно е подобро да се праша украинската страна, но тоа е изјавата на претседателот на Украина. Што се однесува до нашиот став, тој е добро познат. Ова во неколку наврати им беше презентирано на украинската страна и на голем број соговорници на нашиот претседател, лидери на европски и други земји, за време на телефонски разговори – рече Песков.
Како што истакна тој, „Крим е руски регион и тоа треба да се признае и де факто и де јуре“. Зборувајќи за ДНР и ЛНР, портпаролот истакна дека тоа се суверени, независни држави, кои Русија ги признала.
Тие исто така треба да бидат признаени де факто и де јуре – додаде Песков.
Тој исто така додаде дека Русија е заинтересирана што поскоро да се одржат нови рунди преговори со Украина.
Позицијата на Русија е целосно јасна и формулирана и им беше претставена на украинските преговарачи. Заинтересирани сме да одржиме нови рунди штом украинските преговарачи ќе бидат подготвени за тоа – прецизира тој.
Според него, претстојната средба на министрите за надворешни работи на Русија и на Украина, Сергеј Лавров и Дмитриј Кулеба, во Турција е многу важно продолжение на преговарачкиот процес.

Се проширува листата на санкции кон Русија

Во исчекување на продолжението на преговарачкиот процес, земјите-членки на Европската Унија се договорија за нови санкции против руските лидери и олигарси. Според најавата, членките на состанокот ги одобриле санкциите, а договорено е тие и официјално да бидат усвоени на самитот на Европската Унија, денеска и утре, во Версај.
Француското претседателство со ЕУ објави дека новите мерки се однесуваат на криптовалутите, а од Свифт ќе исклучат три белоруски банки, додека последиците ќе ги почувствува и поморскиот сектор.
Истовремено, премиерот на Канада, Џастин Трудо, по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, најави дека Отава ќе ѝ испрати на Украина уште една пратка со високософистицирана воена опрема. „Разговаравме за санкциите против Русија и хуманитарната помош за Украина“, напиша Трудо на Твитер. Тој додаде дека го поканил Зеленски да се обрати во канадскиот парламент.
Но како одговор на новонастанатата ситуација во Украина, не реагираат само државите и меѓународните организации туку и големите компании. Холандскиот производител на пиво „Хајнекен“ стана најновата странска компанија што ја прекинува работата во Русија поради војната во Украина. „Хајнекен“ соопшти дека ќе престане да продава и да произведува пиво во Русија.
Втората по големина светска компанија за пиво минатата недела веќе ги суспендира новите инвестиции и извозот во Русија. Претходно, „Старбакс“, „Пепси“, „Ролекс“, „Нетфликс“, „Ферари“ им се придружија на „Кока-кола“ и „Мекдоналдс“ во суспендирањето на бизнисот во Русија. „Конде наст“, кој издава списанија како „Вог“, „Гламур“ и „Венити фер“, соопшти дека ја прекинува издавачката работа во Русија, како причина наведувајќи ги конфликтот во Украина и безбедноста на неговата редакција.
Факултетот за менаџмент на „Јејл“ соопшти дека околу 290 компании со значително присуство во Русија се повлекле од земјата од 24 февруари до вчера.


Русија го предупреди Западот дека работи на широк одговор на санкциите

Русија го предупреди Западот дека работи на широк одговор на санкциите, кој ќе биде брз и ќе се почувствува во најчувствителните области на Западот. Руската економија се соочува со најтешката криза од падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, откако Западот воведе рестриктивни санкции врз речиси целиот руски финансиски и корпоративен систем по инвазијата на Москва на Украина.
Реакцијата ќе биде брза, внимателна и чувствителна за оние на кои им е наменета – рече Дмитри Биричевски, директор на Одделот за економска соработка во Министерството за надворешни работи, цитиран од новинската агенција РИА.
Ден порано, американскиот претседател Џо Бајден воведе итна забрана за увоз на руска нафта и друга енергија како одмазда за инвазијата. Русија претходно оваа недела предупреди дека цената на нафтата може да се искачи до над 300 долари за барел доколку Соединетите Американски Држави и Европската Унија го забранат увозот на сурова нафта од Русија. Официјална Москва соопшти дека Европа троши околу 500 милиони тони нафта годишно, а Русија испорачува околу 30 отсто од тоа, или 150 милиони тони, како и 80 милиони тони петрохемикалии.