Фото: Фејсбук/КОП27

Европската Унија сигнализираше подготвеност за компромис за финансирањето на штетите поврзани со климата за ранливите земји, едно од неколкуте нерешени прашања на климатската конференција КОП27 (COP27), која треба да заврши денеска.

Проблематично прашање, кое е во центарот на разговорите предводени од ОН за ограничување на климатските промени што се одржаа оваа година во Египет, е исплатата на репарации за штетата предизвикана од климатските промени во сиромашните земји, пренесува ДПА.

Делегатите на конференцијата веќе се согласија да го стават прашањето, познато како финансирање на загуби и штети, на дневен ред за првпат. Земјите во развој долго време притискаа за создавање финансиски механизам за справување со штетите предизвикани од климата во земјите со низок приход.

– Создавањето фонд за климатските штети не е најпосакувана опција на ЕУ, но е чекор кон исполнување на барањата на земјите во развој – изјави денеска потпретседателот на Европската Комисија задолжена за климатската политика на ЕУ Франс Тимерманс.

Сепак, подготвеноста на ЕУ за компромис доаѓа со неколку услови, посочува ДПА. Прво, парите мора да бидат од корист за најранливите земји – услов кој има за цел да ја спречи Кина, врвен светски емитер, да има корист од плаќањата. Покрај тоа, репарациите за климатските штети мора да се поврзат со подлабоко намалувања на емисиите.

– Ублажувањето, адаптацијата и загубите и штетата одат заедно – изјави Тимерманс за новинарите во египетското крајбрежно летувалиште Шарм ел Шеик.

Доцна синоќа, функционерот предложи фонд за загуби и штети да се финансира од „широка донаторска база“. Тоа треба да биде дел од „мозаикот на решенија“, кој, според него, вклучува и разгледување на долговите и реформирање на мултинационалните развојни банки.

Предлогот дојде набргу откако шефот на ОН Антонио Гутереш рече дека преговорите се во „критично време“ и апелираше до сите страни да го реализираат она што тој го нарече „значајна климатска акција“. Тој посочи на „нарушувањето на довербата меѓу Северот и Југот и меѓу развиените и новите економии“.

Гутереш се врати во Египет за да го даде многу потребниот поттик на конференцијата.

– Знаеме што треба да направиме и имаме алатки и ресурси за да го направиме тоа – потенцираше генералниот секретар на Светската организација.

На вчерашниот брифинг со Гутереш, египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри, кој е претседател на COP27, укажа на дивергенција околу клучните прашања.

– Иако е постигнат напредок за голем број прашања, очигледно е јасно дека во оваа доцна фаза од процесот COP27, сè уште има голем број прашања каде што напредок и натаму недостасува, со постојани различни ставови меѓу страните, рече Шукри. – Работната програма за ублажување допрва треба да го постигне посакуваниот исход. Адаптацијата се запира поради процедурални прашања. Амбициозните резултати за финансиите сè уште не се материјализирани – додаде тој.

Германската новинска агенција ДПА наведува дека во последните неколку часа се вложени големи напори за да се постигне напредок во последниот дел од двонеделната конференција.

Друго клучно прашање кое предизвикува поделби е употребата на фосилни горива што и штетат на климата.

Руската инвазија на Украина ги зголеми цените на енергијата, што поттикна многу земји да ги преиспитаат своите енергетски политики и повторно да ги активираат електраните на јаглен.

Има сè погласни повици за постепено укинување на употребата на фосилни горива, доколку постои желба да се победи во битката против климатските промени.

Конференцијата се одржува во услови на геополитички тензии и повеќекратни глобални кризи во храната и енергијата.

Настанот, исто така, доаѓа откако климатските катастрофи зедоа огромен данок во животите и средства за живот во неколку делови од светот.

Предвидено е Конференцијата да заврши вечерва, но ДПА посочува дека е многу веројатно таа да биде продолжена додека не се изнајде компромис за горливите прашања.