Остануваат само приближно околу една осмина или поточно 6 милијарди долари од предвидената помош на САД за Украина / Фото: ЕПА

Околу шест милијарди долари остануваат во пакетот помош од 48 милијарди долари за Украина што Конгресот го одобри во декември 2022 година. Според процените на воените аналитичари, американското финансирање за оружје и резерви за Украина може да биде истрошено до средината на летото 2023 година

Прикрај помошта од 48 милијарди долари од САД за Украина

Сознанието дека се прикрај средствата од пакетот од 48 милијарди долари од САД за Украина и дека остануваат само приближно околу една осмина од предвидените средства, предизвика нова загриженост кај американските конгресмени за тоа што следно планира Белата куќа, вклучувајќи и кога администрацијата ќе побара уште еден голем пакет и дали тоа ќе биде доволно?

Вашингтон разговара за нов пакет помош, што би бил темпиран така за да продолжи да тече помошта за Украина

Финансирањето, според повеќето мислења на соговорници, изразено преку американските медиуми, „треба да продолжи да тече без прекин, особено кога Киев се подготвува да го започне она што се очекува да биде сеопфатна контраофанзива и да ја врати територијата на исток од Русите“.
– Од клучно значење е администрацијата да ѝ го обезбеди на Украина она што ѝ е потребно за да ја одбрани и поврати нејзината суверена територија. Очекуваме администрацијата да не чека до пет до дванаесет ако на Украинците им треба повеќе пред крајот на фискалната година – им рече сенаторката Сузан Колинс на лидерите на Пентагон за време на сослушувањето во четвртокот.
Од медиумот „Политико“ излегуваат информации дека „Белата куќа разговара за нов пакет и тој ќе биде темпиран така за да продолжи да тече помошта за Украина“. Ова го изјавил за споменатиот медиум висок функционер на американската администрација кому „Политико“ му гарантирал анонимност, за да зборува пред да биде објавено официјалното соопштение. Официјалниот претставник додаде дека не е јасно како би можеле да се променат потребите на Украина за време или по контраофанзивата, но дека администрацијата е „целосно посветена“ на поддршката на Киев за време и по борбата „на долг рок“.

„Политико“ анализира дека во САД ова „не е истиот Конгрес што ја одобри последната голема сума пари, ниту пак истиот сплет на околности“

Но ова не е истиот Конгрес што ја одобри последната голема сума пари, ниту пак истиот сплет на околности, коментира „Политико“. Овој пат, секој предлог на Белата куќа кон крајот на летото може да наиде на жестока дебата за плафонот на долгот и речиси сигурно ќе се соочи со противење од мала, но гласна група републиканци, кои сакаат да ги намалат трошоците за Украина.
Оригиналниот пакет од 48 милијарди долари одобрен во декември вклучуваше околу 36 милијарди долари за Пентагон да обезбеди широк опсег на воена помош за Киев. САД испратија милиони артилериски гранати, финансираа тенкови и испорачаа оклопни возила и напредни системи за воздушна одбрана на украинската војска. Помошта им овозможи да ги одбијат руските напади додека се подготвуваа за претстојната офанзива што би значела пробивање на тежок ќор-сокак на стотици милји од линијата на фронтот, пишува порталот.