Вашингтон и Пекинг ги обновија врските на највисоко ниво

Деновиве со официјално соопштение од Белата куќа во Вашингтон се објави дека „официјален Вашингтон и Пекинг, кои не одржуваа комуникација од февруари по избувнувањето на аферата со кинескиот балон, ги обновија дипломатските односи на највисоко ниво“.
Имено, советникот за национална безбедност на Џо Бајден, Џејк Саливан, се состана со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Виена минатата недела. Како што соопшти американската администрација, повод за состанокот бил фактот дека врските меѓу двете суперсили остануваат крајно затегнати поради нивниот широк опсег на дипломатско, воено, економско и технолошко ривалство.
Двајцата високи функционери имале „отворен, суштински и конструктивен разговор“, посочуваат од Белата куќа, а официјалната агенција „Хсинхуа“ ја окарактеризира средбата дека треба да ги „отстрани пречките“ во кинеско-американските односи. Официјално, тема на разговорот биле „руската војна против Украина“ и прашањата поврзани со Тајванскиот Теснец – две од најчувствителните прашања во билатералните односи.
Овој состанок на највисоко ниво доаѓа по неколку недели речиси целосен прекин на комуникацијата меѓу престолнините на САД и Кина. Во февруари, тензијата меѓу Кина и САД дополнително се зголеми. Тогаш американскиот државен секретар Антони Блинкен во последен момент го откажа патувањето во Кина.
Средбата во Виена ги подгрева шпекулациите за претстојната средба меѓу Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг. Одговарајќи на прашање во врска со ова во средата, американскиот претседател рече: „Постигнат е напредок. Ќе биде добро“.