Владата на Србија прогласи период за амнестија од еден месец за граѓаните да го предадат нерегистрираното оружје како дел од кампањата против оружјето. Како што е познато, кампањата за доброволно предавање оружје и муниција во Србија започна по двете масовни убиства – во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ и во селата во околината на Младеновац и Смедерево, кога во два дена овој месец загинаа 17 лица, од кои најголемиот број беа деца.
Властите вчера за јавноста го покажаа складиштето со предаденото оружје, во кое можеа да се видат илјадници парчиња оружје, вклучувајќи и противтенковски ракетни фрлачи, кои, според нив, биле предадени од луѓе по серијата масовни престрелки што ја шокираа земјата.
Претседателот Александар Вучиќ, кој го посети складиштето во Дуваниште, во близината на градот Смедерево, на околу 50 километри јужно од Белград, заедно со министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, им се заблагодари на граѓаните за нивното одговорно однесување и на полицијата за инволвираноста во акцијата.
Официјалните лица соопштија дека жителите предале околу 13.500 парчиња оружје и над 1.750 гранати од различни типови, од отворањето на амнестијата на 8 мај до вчера.