Брисел се изјасни за нашето вклучување во санкциите против Русија

Европската комисија ја поздрави усогласеноста на Македонија и на Албанија со санкциите на ЕУ против Русија, но целни финансиски компензации не се на маса, јави дописничката на МИА од Брисел. Македонија и Албанија, како што порача портпаролот Петер Стано, се две земји во регионот што стопроцентно се усогласени со санкциите на ЕУ против Русија, за што Европската Унија е многу благодарна. Притоа, тој се повика на зборовите на Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, потпретседател на Европската комисија.
– Борел порача дека ЕУ цени и поддржува што Северна Македонија и Албанија се усогласени со санкциите, ова се две земји што не ги започнале преговорите, а стопроцентно се усогласени со санкциите. ЕУ многу го цени тоа – изјави Стано.
Како што веќе пишуваше „Нова Македонија“, поради војната во Украина, Европската Унија предвиде голем финансиски пакет преку кој ќе ја надомести штетата што ќе ја претрпат земјите-членки и кандидатките за членство. Македонија, која целосно се придржува кон политиките на ЕУ, исто така трпи огромни последици врз својата економија. Поради тоа, сѐ погласни се апелите на експертската јавност и Македонија да биде вклучена во компензациските фондови на Унијата. Пакетот на финансиска поддршка се проценува на над 1,2 милијарда евра и постојано ќе се зголемува.
Што се однесува до компензации за земјите-кандидати што се усогласени со санкциите на ЕУ, Европската комисија одговори дека тоа не е предвидено и дека веќе постојат фондови за поддршка на земјите од Западен Балкан.
Македонија се придружи кон санкциите што Европската Унија ѝ ги воведе на Русија поради војната во Украина, со што уште еднаш потврди дека во целост ја има усогласено надворешната политика со онаа на Унијата, иако економските штети што почнува да ги трпи веќе резултираат со нови задолжувања, кои ја водат државата кон критичното ниво на задолженост.
Во таа насока, за спас на економијата и животниот стандард на граѓаните се и последните иницијативи земјава да се обрати до ЕУ и да побара и Македонија да биде вклучена во делот на компензациите што земјите-членки на Унијата ќе ги добијат од европските фондови заради санкциите што ги вовеле кон Русија.


И Црна Гора се приклучи кон санкциите

По критиките на претставниците на меѓународната заедница за непримена на рестриктивни мерки кон Русија, Комисијата за политички систем на Владата на Црна Гора вчера едногласно ги усвои пакет-санкциите против Москва што претходно беа усвоени од Советот на Европската Унија. Со Комисијата претседаваше вицепремиерот и актуелен мандатар, Дритан Абазовиќ.
Според подгоричките медиуми, меѓу другото, санкциите се однесуваат на 696 руски државјани, како и на финансиски институции, имот, трговија и дистрибуција на стоки.