Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски е оптимист пред гостувањето во Палермо кај Италија во полуфиналето од плејофот за Светското првенство 2022. Тој денеска го објави списокот за плејофот на кој се наоѓаат 27 фудбалери. Давид Бабунски од унгарски Дебрецин е повратник во репрезентацијата, а Кристијан Наумовски од Шкупи е повикан во конкуренција за голманската позиција.

– Ќе покажеме дека не сме случајно помеѓу најдобрите 20 фудбалски селекции на континентот. Ме радува фактот што сите репрезентативци се стандардни во своите тимови. Јас воопшто не се оптоварувам со тоа во каков состав ќе настапи нашиот противник, бидејќи за секоја позиција имаат по 4-5 врвни фудбалери. Мое е само да извлечам максимум од нашите репрезентативци. Едноставно треба да одиме во Палермо, да одиграме како што знаеме и да уживаме во играта. Секако тоа ќе зависи и од ривалот и од тоа колку ќе ни дозволат. Како и да е, во Италија не одиме како туристи, туку одиме на победа – рече Милевски на денешната прес-конференција.

Селекторот најави офанзивна игра без разлика на тешкиот ривал.

– На сите наши натпревари од моето доаѓање на селекторското место игравме офанзивно, така ќе биде и на овој меч. Мојот тим не е учен да игра подредено во дефанзива. Сепак, не е исто кога се игра со актуелен европски првак. Ќе се обидеме да ја играме нашата игра – додаде Милевски.

Собирот на репрезентација е закажан за недела во 19 часот во хотел „Хилтон“ во Скопје. Првиот тренинг е в понеделник во 19 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. Во вторник со чартер лет во 17 часот, репрезентацијата патува за Палермо каде што ќе се одигра натпреварот против Италија.

Натпреварот е закажан за 24 март во Палермо. Победникот од овој дуел, во финалето ќе се соочи со поуспешниот од пресметката Португалија – Турција.

Список на фудбалери

ГОЛМАНИ: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Кристијан Наумовски (Шкупи);

ОДБРАНА: Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Висар Муслиу (Инглоштад, Германија), Кире Ристевски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Езѓан Алиоски (АЛ Ахли, Саудиска Арабија), Тодор Тодоровски (Серед, Словачка), Стефан Ашковски (Сепси, Романија), Никола Серафимов (Залаегерцег, Унгарија);

СРЕДЕН РЕД: Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Енис Барди (Леванте, Шпанија), Стефан Спировски (МТК, Унгарија), Тихомир Костадинов (Пјаст, Полска), Јани Атанасов (Хајдук, Хрватска), Ердал Ракип (Малме, Шведска), Бобан Николов (Шериф Тираспол, Молдавија), Давид Бабунски (Дебрецин, Унгарија);

НАПАД: Адис Јаховиќ (Гестепе, Турција), Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка), Бојан Миовски (МТК, Унгарија), Дарко Чурлинов (Шалке 04, Германија), Александар Трајковски (Ал Фахја, Саудиска Арабија), Ваљон Етеми (Истанбулспор, Турција), Дориан Бабунски (Дебрецин, Унгарија);