Фото: Принтскрин

Осум ученици и вработен во обезбедувањето загинале во оружениот напад во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, за кој осомничено е 14-годишно момче, кое веќе е приведено. Шест ученици и еден наставник се тешко повредени, соопшти МВР на Сбрија. Повредените се хоспитализирани. Меѓу нив има и во тешка здравствена состојба. Се наведува дека пукањето се случило во 8.40 часот.

– Во училишниот двор е пронајден и приведен ученикот од ова училиште К.К.(2009), кој е осомничен дека го сторил ова дело. Сите полициски сили се уште се на терен и интензивно работат на расветлување на сите факти и околностите што довеле до оваа трагедија – се наведува во соопштението на белградската полиција.

Едно од ранетите деца е во животна опасност и итно е префрлено во операциона сала во Ургентниот центар со повреда на главата, соопштија за Танјуг од таа установа.

Таткото на девојче кое за време на пукањето истрчало од училницата, вели дека таа му рекла оти тоа е нивен соученик, инаку одличен ученик, кој со студен израз на лицето влегол во училницата и пукал.

– Ќерка ми беше во тој клас, беше во училницата каде тоа момче ги испука првите истрели кон учителката, а потоа почна да пука во децата кои беа под клупите, а моето дете истрча надвор – изјави тој за телевизијата „Н1“, додавајќи дека тогаш имале час по историја.

Полицијата ги испратила сите расположливи патроли по известувањето за оружениот напад, веднаш излегла на терен и го привела осомничениот малолетник, ученик од седмо одделение, кој, како што се сомнева, испукал неколку истрели од пиштолот на неговиот татко кон учениците и обезбедувањето на ова училиште.

Лекувањето на повредените е во тек, како и работата на полицијата на утврдување на сите факти и околности поврзани со овој настан. Блокирана е улицата и голем дел од Врачар, од Славија до училиштето. На терен се 10 екипи на Брза помош.

Во Владата на Србија во 13 часот и 15 минути ќе се одржи вонредна прес-конференција по повод трагедијата. На прес-конференцијата ќе се обратат министерот за образование на Србија, Бранко Ружиќ, министерката за здравство Даница Грујичиќ и претставник од МВР на Србија.