Фото: принтскрин

Расте бројот на загинати во железничка несреќа во Грција, а според првичните индиции трагичната несреќа во која загинаа најмалку 36 лица, а над 80 се повредени се препишува на човечка грешка.

Иако е прерано да се расветлат сите аспекти на кобната трагедија, првичните индикации велат дека двата воза директно се судриле, најверојатно со голема брзина.

Се проценува дека шефот на станицата во Лариса не ги свртел клучевите преку кои механички се регулира минувањето на возовите на клучките, па на иста линија се испраќаат два воза, јавува ЕРТ.

Грчката полиција го приведе шефот на смената на станицат оради сомнение дека по негова вина се случила трагедијата во која се судриле патнички воз на релација Атина-Солун и товарен воз кој превезувал лим на релација Солун-Атина на источната патека.

Претседателот на машиновозачот на ОСЕ, Костас Генидунијас, рече дека доколку функционирала светлосната сигнализација, трагедијата можела да се избегне.

Полицијата сослушала двајца службеници на железницата, но тие не се приведени. Јанис Дицас, претседател на синдикатот на железничарите, за ЕРТ изјави дека и покрај 40-годишното искуство, не може да каже кој е виновен за несреќата. Тој додаде дека единствена утеха е тоа што несреќата не се случила во блискиот тунел.

Возовите се судрија непосредно пред долината Темпи, клисура која ги дели регионите на Тесалија и Македонија, на околу 378 километри северно од Атина.

Костас Агорастос, регионален гувернер на регионот Тесалија, за грчката телевизија Скај изјави дека двата воза се судриле со голема брзина.

– Вагоните еден и два веќе не постојат, а третиот скокна од шините – рече тој.

Спасувачите со фарови работеа во густ чад, извлекувајќи парчиња искривен метал од вагоните во потрага по заробени луѓе. Други ја пребаруваа областа со батериски ламби и проверуваа под урнатините. Се верува дека неколку мртви се пронајдени во вагонот за јадење во близина на предниот дел на патничкиот воз.

Претставници на болницата во блискиот град Лариса изјавија дека најмалку 25 се тешко повредени.

– Процесот на евакуација е во тек и се одвива во многу тешки услови поради сериозноста на судирот на двата воза – изјави Василис Вартакојанис, портпарол на грчката противпожарна служба.