Голем скандал ја тресе Босна и Херцеговина

Фадил Новалиќ, премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, е осуден на четири години затвор за незаконска набавка на кинески респиратори за време на пандемијата на ковид-19. Судот на Босна и Херцеговина изрече првостепена пресуда против Новалиќ и другите обвинети, суспендираниот шеф на цивилната заштита Фахрудин Солак и сопственикот на земјоделската компанија „Сребрена малина“, Фикрет Хоџиќ. Солак е осуден на шест години затвор, а Хоџиќ на пет. Компанијата „Сребрена малина“ ќе треба да плати и отштета во износ од 100.000 евра, додека Хоџиќ да врати 300.000 евра. Министерката за финансии Јелка Миличевиќ е ослободена од обвинението во судскиот процес, кој траеше повеќе од две години.
Новалиќ, кој не се појави на изрекувањето на пресудата, беше обвинет дека смислил план за користење пари од буџетот за купување средства и опрема за борба против коронавирусот, при што се здружил со Солак и Хоџиќ за да „добие материјална корист“, која потоа ќе ја поделат меѓу себе.
Судењето за набавка на сто респиратори од Кина, вредни 5,4 милиони евра, за потребите на здравствениот систем во БиХ, започна на 23 февруари 2021 година. Респираторите се купени во април 2020 година, ден по прогласувањето вонредна состојба поради пандемијата. Обвинителството на кантонот Сараево поведе истрага откако беше соопштено дека работата е направена без тендер и со директен договор со приватната компанија „Сребрена малина“, која се занимава со трговија со овошје и зеленчук.
Солак претходно ѝ предложил на владата да го суспендира, откако се покажа дека со неговата одлука ѝ е доверена работата за набавка на стотина вентилатори за болниците во Сараево, Мостар и Тузла на компанијата „Сребрена малина“, регистрирана за одгледување и преработка на овошје и зеленчук, во сопственост на Фикрет Хоџиќ, познат како водител на реално шоу на локална телевизија.
Кривичното дело за кое се товарат обвинетите се: злоупотреба на положба или овластување, примање награда или друг облик на корист за тргување со влијание, перење пари, фалсификување или уништување деловни или комерцијални книги или исправи, фалсификување службена исправа, повреда на обврските за водење комерцијални или деловни книги и составување финансиски извештаи и нивно фалсификување или уништување.