Фото: Маја Јаневска-Илиева

Податоците за финансиските сметки за земјоделското производство треба да се „вкрстат“ и со реалните произведени количества за одредени култури, но и така погледнато може да се констатира дека домашното земјоделско производство е во опаѓање, нагласува Драги Димитриевски, професор на Земјоделскиот факултет во Скопје

Регистрирани неповолни финансиски трендови во аграрниот сектор

Финансиските пресметки на аграрните стопанства во Македонија јасно отсликуваат намалено земјоделско производство во последните две години. Според податоците на Државниот завод за статистика, бруто-додадената вредност во земјоделството во 2021 година изнесува 46.782 милиони денари и во однос на 2020 година бележи номинален пад од 12 отсто! Намалување на вкупната вредност на годишното производство има во сите пресметковни потсектори. Растителното производство во 2021 година, кое учествува со 79,4 отсто во вкупното производство, бележи пад од 7, 8 отсто во однос на 2020 година. Вредноста на добиточното производство, кое учествува со 20, 6 отсто во вкупното производство, е намалено за 15,6 отсто во однос на 2020 година.

Номиналниот доход во земјоделството од производните фактори, по работна единица, во 2021 година бележи пад од 14 отсто, додека реалниот доход од производните фактори бележи пад од 16,2 отсто

Доколку се погледне поединечно производната сметка, кај житата има зголемување (пченицата), но затоа има намалување кај добитокот (говедата и живината). Кај добиточните производи намалувањето е за две милијарди денари, односно кај производството на млеко има намалување од 9.323 во 2020 година на 7.773 милиони денари во 2021 година. Намалување на вредноста во економските сметки има и кај градинарското производство, и тоа во подгрупите: свеж зеленчук, домати и друг свеж зеленчук. Намалување има и кај вредноста на производството на овошје.
Податоците за економските сметки за земјоделското производство треба да се „вкрстат“ и со реалните произведени количества за одредени култури, но и така погледнато може да се констатира дека домашното земјоделско производство е во опаѓање, нагласува Драги Димитриевски, професор на Земјоделскиот факултет во Скопје.
– Сегашната состојба во земјоделството е незадоволителна и намалувања има во речиси сите поважни сектори. Причините за тоа ни се добро познати, а се однесуваат на процесот на депопулација, особено во земјоделскиот сектор. Иселувањето во урбаните центри во земјата и во странство се одрази и на намалување на површините што се обработуваат, а речиси и да нема кој да ги замени сегашните земјоделски производители, кои се во поодминати години. Тоа што ни е важно, е да се направи промена на производната структура во земјоделството и да се поттикне поголемата конкурентност и продуктивност, пред сѐ кај индивидуалните производители, преку поттикнување на задругарството – вели Димитриевски.
Во последните години и во сите претходни влади се издвојуваат значителни финансиски средства од буџетот за развој на земјоделскиот сектор, но како што нагласува тој, повеќе од 90 отсто од средствата за субвенционирање се насочени кон директни плаќања на земјоделците.
– Тоа што би требало да го направиме во делот на финансиската поддршка од државата е таа да се одвива преку руралниот развој, што би значело и воведување крупни, системски промени во земјоделското производство, кои би донеле поголема продуктивност и конкурентност на македонските земјоделски производи на странските пазари. Ако се продолжи со досегашниот начин на работа, ќе имаме и посериозни намалувања во земјоделското производство – предупредува Димитриевски.

Земјоделското производство во Македонија, и покрај покачувањето на цената
на храната на светско ниво, не успеа да ги поврати сопствените позиции што ги имаше во претходниот период

Од високите цени на земјоделските производи на зелените пазари во земјата, многу мал дел завршуваше на сметката на непосредните производители. Дополнителен удар врз нивното финансиско работење, како што изјавуваат од домашните оранжерии, ќе биде и замрзнувањето на цените на 11 земјоделски производи.
– Пазарните односи меѓу учесниците во производството и преработката на храна се нерешени, а ниските откупни цени на земјоделските производи ги принудуваат примарните производители да се борат за својот опстанок. Индивидуалните производители се раситнети и економски немоќни во однос на откупувачите, кои се помоќни и поорганизирани во поставувањето на условите за откуп на земјоделските производи. Во такви услови не постојат фер односи при формирањето на откупните цени – вели професорот Драган Димитриевски.

Неизвесноста на земјоделското производство ќе продолжи и годинава, поради високитетрошоци на производство, кои се диктирани од зголемените цени на вештачки ѓубрива, нафтени деривати и хемиски препарати

Последниот извештај на Европската комисија за краткорочните изгледи за земјоделските пазари во ЕУ ги прикажува негативните влијанија од војната во Украина, како и високите трошоци на инфлацијата и инфлацијата на храната, кои продолжуваат да влијаат на земјоделските пазари и на одлуките за купување на потрошувачите. Сушата и климатските промени ќе влијаат на понудата на одредени земјоделски производи.
За производството на житни култури во ЕУ во 2022/2023 година влијаеше топлото и суво време, особено за пченката, чии приноси паднаа за 25 отсто. Вкупното производство на житни култури во ЕУ во 2023/2024 година може да достигне 288,4 милиони тони, под претпоставка дека ќе има нормални временски услови.


Немаме ни земјоделци, ни агрономи, ни знаење!

– На македонските ниви има сѐ помалку земјоделци и сѐ помалку агрономи и знаење за квалитетно и современо производство. Економските сметки треба да се споредат со површините што се засеани и да се види дали има и намалување на приносот. Дали тоа не е и поради намалување на знаењето што се применува во одгледувањето на земјоделските култури. Во тој случај имаме и намалување на продуктивноста на домашното земјоделско производство. Реално се соочуваме со намален интерес за земјоделството на сите нивоа. Имаме депопулација на земјоделските производители, а намален е и интересот за студирање агрономија. Имаме мали фарми со просечен посед од два хектара. Одгледувањето добиток се потпира на мали семејни фарми, но нема кој да го продолжи овој бизнис. Мораме и да го менуваме системот и да им се даде предност во субвенционирањето на тие што сакаат да продолжат со земјоделското производство. Систем што ќе овозможи современо земјоделско производство – вели Ордан Чукалиев, професор на Земјоделскиот факултет во Скопје.