Од нашиот постојан соработник од Хрватска, Ангел Митревски

Хрватската министерка за култура, Нина Обуљен Коржинек, и министерката за култура на Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска, потпишаа програма за културна соработка меѓу министерствата на двете земји од 2022 до 2025 година. Министерката Костадиновска Стојчевска рече дека со овој чин се продолжува традицијата на пријателство меѓу двете земји и култури. Таа додаде дека хрватската и македонската култура „добро се познаваат“, бидејќи со децении работат заедно, се следат и се дополнуваат. Таа нагласи дека меѓуресорските програми воспоставени во 1995 година се збогатуваат и добиваат нови, подобрени, современи модели на комуникација и проекти во сите области на уметноста. Костадиновска Стојчевска рече дека негуваме искрени односи засновани на доверба, додавајќи дека силните врски и поддршката се особено важни во време кога Македонија се соочува со својата европска перспектива.
Според неа, отворањето на македонскиот КИЦ уште повеќе ги зближува двете земји, во чии односи голем удел имаат претставниците на заедниците. Таа додаде дека македонскиот КИЦ во Загреб ќе стане нов дом за уметност и место за нови пријателства.
Хрватската министерка Нина Обуљен Коржинек истакна дека во разговорот со министерката Костадиновска Стојчевска потсетила на многубројните успешни проекти што се реализираат меѓу двете земји и меѓу хрватските и македонските уметници.
Таа истакна дека Хрватска и Македонија ги поврзуваат големи режисери во театарот и голем број музичари што работат во двете земји, а се помага и во преводот на книги од еден на друг јазик, има чести копродукции, се соработува и во визуелната уметност и други области од културата и уметноста.
По потпишувањето на програмата за културна соработка, министрите заеднички го отворија Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб.