Поранешниот специјален пратеник на Европската Унија и висок меѓународен претставник за Босна и Херцеговина, Волфганг Петрич, оцени дека на Балканот се случува конфликт што може да се запре, но кој, сепак, има потенцијал за ескалација. Тој препорачува официјалните лица да дејствуваат што е можно поскоро, за вербално да се разоружи.
– Како што видовме во Украина, оваа вербална ескалација лесно се претвора во воена ескалација – изјави Петрич за Радио Слободна Европа и оцени дека Владата на Косово донела мудра одлука да го одложи спроведувањето на решенијата за регистарски таблички и лични документи..
Петрич смета дека ЕУ треба да направи повеќе за дијалогот во кој посредува меѓу Косово и Србија, а овој пример покажува дека одложувањето на процесот не функционира.
Тој истакна дека НАТО и КФОР се во состојба на готовност во Косово и дека меѓународното присуство е важно за да се обезбеди продолжување на дијалогот и компромисот.
– Мислам дека единствениот начин на кој можам да укажам како дипломат е да се вратиме на преговорите и да продолжиме да го ангажираме Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник за дијалог меѓу Косово и Србија и Европската Унија, и да најдеме излез и решение од оваа многу опасна ситуација – истакна Петрич.