Фото: Маја Јаневска-Илиева

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика, Жозеп Борел, му порача на косовскиот премиер Албин Курти дека без смирување на ситуацијата на северот на Косово, нема простор за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во писмото до Курти, Борел наведува дека е подготвен да свика средба на високо ниво со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, под услов Курти да биде подготвен да ги преземе неопходните чекори за деескалација и да овозможи нови локални избори.

– Не можеме да постигнеме напредок во нормализацијата на односите додека се занимаваме со кризниот менаџмент. ЕУ и САД инвестираа многу во нормализацијата и сакаме да го видиме напредокот – се наведува во писмото.

Борел одговори на планот од пет точки што Курти вчера го испрати до државите од Квинта и Брисел. Писмото го твитна портпаролот на високиот претставник, Питер Стано, наведувајќи дека Борел ги објаснил очекувањата на ЕУ и неопходните чекори за вистинска деескалација.

Мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, синоќа соопшти дека е во контакт со српските власти за да добие официјална информација во врска со настанот на граничната линија меѓу Косово и Србија.

Косовската полиција соопшти дека тројца нејзини припадници се „киднапирани“ на територијата на Косово, додека во Белград се вели дека биле уапсени од антитерористичките единици на Жандармеријата на територијата на централна Србија, во општина Рашка.