Фото: Министерство за одбрана Србија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг е во редовен контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Белград, Џампјеро Романо, оценувачи дека „сè што правиме заедно е засновано на барањата на Србија и е приспособено на нејзините потреби“, пренесува МИА.

-Србија избира во кои области сака да напредува или да се подобри, таму каде НАТО може да обезбеди додадена вредност. Динамиката и обемот на нашата поддршка зависат од Србија – рече генералот Романо.

Тој изјави дека Белград е ценет партнер на алијансата и дека во последните 16 години НАТО и Србија развиваат заемно корисно партнерство, со целосно почитување на воената неутралност на Србија.

Наведувајќи дека алијансата ги обучува српските војници за мировни мисии, Романо додаде дека е овозможено образование и обука за офицерите и персоналот на неколку начини.

-Ние и помагаме на Србија да ги модернизира своите безбедносни сили и институции. Инвестиравме милиони евра за да и помогнеме на Србија да уништи стотици тони застарена муниција – рече Романо.

Тој изјави дека српските научници работат со колегите од членките на НАТО на многу решенија кои го подобруваат животот на полето на енергетиката, еколошката безбедност, борбата против тероризмот, сајбер одбраната и заштитата на животната средина.

Романо рече дека загриженоста за влијанието на Русија на Западен Балкан е зголемена откако Москва ја започна својата инвазија на Украина.

-Во последните месеци видовме сајбер напади, дезинформации, економски притисок и политичка принуда – изјави Романо за интернет порталот „European Western Balkans“.

Романо кажа и дека НАТО ќе продолжи да им помага на партнерите да ја зајакнат сајбер безбедноста и способноста да се спротивстават на дезинформациите.

За односот на јавноста во Србија кон НАТО, Романо рече:

-Никогаш не смееме да го заборавиме минатото, но можеме да одиме понатаму. Србија и НАТО го прават токму тоа, преку долгорочно партнерство – гледаат кон подобра иднина.

Романо наведе дека КФОР е најголемиот показател за повеќедецениската посветеност на Алијансата за постојана безбедност на Косово и стабилност на целиот Западен Балкан.

Според него, НАТО го поздравува договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија со посредство на Европската унија.

-Сега е од клучно значење двете страни да почнат да ги исполнуваат своите обврски во целост и што е можно поскоро – рече Романо.