Фото: МИА

Националниот совет на Бугарската социјалистичка партија одлучи да и даде мандат на пратеничката група на „БСП за Бугарија“ да води преговори за формирање влада. Тоа го соопшти лидерот на БСП, Корнелија Нинова, на прес-конференција по состанокот на партискиот пленум.

 – Чекорите што ќе ги преземеме по денешната одлука се неколку. Ќе ги повикаме лидерите на средба, ќе поставиме пет прашања за дискусија – додаде Нинова.

Таа ќе разговара со лидерите на останатите пратенички групи дали има политичка волја за формирање влада.

 – Сакаме искрен и отворен разговор, ако имаме разлики и не можеме да се собереме – да ги објавиме – коментира лидерот на БСП, додавајќи дека следни теми за разговор ќе бидат какви задачи ќе и се доделат на таа влада, со кој мандат, политички, експертски или мешовит и каков ќе биде форматот на одлучување.

 – Добар почеток е што сите парламентарни сили кажаа дека се подготвени да се вклучат во разговори. Не поставуваме линии на поделба, туку бараме што не обединува – рече лидерот на БСП.