Фото: Твитер/Албин Курти

Косовскиот премиер, Албин Курти, денеска изјави дека меѓусебното признавање треба да биде во центарот на француско-германскиот план за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

– Во центарот на Договорот треба да биде взаемното признавање, бидејќи само така можеме целосно да ги нормализираме односите меѓу Косово и Србија – изјави Курти пред новинарите по отворањето на Меѓународната конференција за кибер-безбедност во Приштина.

Курти потсети дека уште во септември кога го видел нацрт-договорот изјавил дека тоа е добра основа за понатамошни разговори и оти претставува рамка и платформа што овозможува да се оди напред, но и дека се потребни и разговори за да се постигне договор.

 – Постојат 33 бриселски договори од последната деценија и нема ниту еден договор што има приоритет пред друг – рече Курти.

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, објави преку Твитер дека заедно со Курти и вицепремиерот Бесник Бислими за време на синоќешната работна вечера постигнале согласност за потребата од имплементирање на сите претходно постигнати договори во дијалогот.

– Се вратив во Косово за да продолжам со искрени, отворени и интензивни разговори со премиерот Курти и вицепремиерот Бислими за следните чекори и напредок во нормализацијата на односите со Србија – напиша Лајчак на Твитер.

Лајчак синоќа за приштинската телевизија „Клан Косова“ изјави дека германско-францускиот план во суштина е план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово и оти содржи 11 точки.

Тој рече дека очекува Косово и Србија да го прифатат планот и да го потпишат, додавајќи дека Косово добива многу, а ништо не губи со договорот.

 – Имаме одделни разговори со двете страни и кога ќе ги собереме, очекуваме да го прифатат планот, да го потпишат и да го спроведат. Секако, ќе се погрижиме и потпишаното да се спроведе – рече тој.