Фото: Твитер/Мирослав Лајчак

Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, изјави дека на денешната средба со косовскиот премиер Албин Курти разговарале за „патот кон нормализација на односите“ меѓу Косово и Србија, како и за енергетиката и регистерските таблички, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во краткото обраќање пред медиумите по средбата со Курти, Лајчак го нагласи и вклучувањето во барањето решение за косовско-српските спорови на францускиот претседател, Емануел Макрон и германскиот канцелар, Олаф Шолц, како и на американскиот државен секретар, Антони Блинкен.

– Денешната средба беше дел од редовната комуникација. Разговаравме за две прашања. Првото беше патот кон нормализација на односите и продолжувањето на дискусиите кои ги започнавме во последно време, кои продолжија со интервенирање на претседателот Макрон и канцеларот Шолц и вклучувањето на Блинкен. Разговаравме за наредните чекори. Втората тема беше за енергетиката и за регистерските таблички (во северно Косово) – изјави Лајчак.

Тој изрази надеж дека ќе се постигне напредок во нормализацијата на односите пред изборите во 2024 година во САД и во Европската Унија.

– Во сојузништво сме со САД и Велика Британија. Сакаме да видиме дијалог кој ќе продуцира напредок. Во 2024 година има избори во САД а потоа и во ЕУ. Не велам дека идната година треба е решавачка, но имаме една можност пред изборите, кои не се добри за дијалогот, затоа што го одвлекуваат вниманието на други работи. Имаме еден прозорец на можност пред изборите и наша одеговорност е тој прозорец да не го затвориме – изјави Лајчак.

Тој информира дека в понеделник ќе отпатува во Белград со истата агенда, а ќе продолжат контактите и со Курти.

Лајчак утрово допатува во ненајавена посета на Приштина и веднаш замина на средба со косовскиот премиер.