Фото: ЕПА

Како што е веќе познато, на вонредна седница на Народното собрание на Бугарија беше избрана влада со премиер – Николај Денков. За нова влада гласаа 132 пратеници, а 69 беа против, немаше воздржани. Имено, парламентот на 6 јуни ѝ даде поддршка на фалсификати ладата формирана од две прозападни, прореформски партии. На тој начин, по пет избори за две години, Бугарија има нова влада, со доволно широка поддршка да ја поттикне надежта дека земјата би можела да ѝ стави крај на една од најдолгите политички кризи од крајот на комунизмот.

Подготвил: Mарјан Велевски

Нелегална аудиоснимка, политичка „бомба“ со разорно дејство

Додека многумина во Бугарија можеби воздивнуваат на олеснување, овој исход се чинеше под сомнеж пред само една недела. Имено, политичката бомба што одекна во јавноста пред десетина дена беше предизвикана од незаконски објавена аудиоснимка од неодамнешен состанок на раководството на партијата Продолжува промената (ПП). Во него, дискусијата се одвива за безбедносните служби и се зборува за „земање“ на контролата на претседателот Радев, со назначување, вели еден глас, „наши луѓе што се одобрени од амбасадите“. Се зборува и за „чистење“ на руското влијание од безбедносните служби и за назначување луѓе што уживаат доверба кај колегите од земјите на НАТО.

Објавувањето на аудиоснимката и нејзината содржина предизвикаа политичка лавина. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, високи членови на ГЕРБ, лидерите на бугарските проруски партии, вклучувајќи ги и ултранационалистичката партија Преродба, Бугарската социјалистичка партија (БСП), Канцеларијата на јавниот обвинител, како и шефовите на безбедносните служби, сите тие како во хор изјавија дека тоа што се говорело на снимката е еднакво на „национално предавство“.

Тоа се одрази драстично и на расположението на церемонијата за доделување мандат на новиот премиер. Имено, претседателот Радев јасно го изрази своето незадоволство кога официјално му го врачи мандатот на Николај Денков, кандидатот за премиер на коалицијата ПП-ДБ. Таа церемонија (на 29 мај) траеше едвај пет минути. Одбивајќи дури и да му подаде рака на Денков, Радев рече дека ако е лично до него, нема да го предаде мандатот, но бугарскиот устав го обврзал на тоа.

Второ, интересен политички феномен е и тоа што на 29 мај, ГЕРБ на Борисов и антикорупциската алијанса предводена од ПП-ДБ објавија дека се согласиле да формираат коалициска влада, вклучувајќи ја и необичната практика на ротирачки премиери. Според договорот, Денков ќе биде премиер девет месеци, а потоа ќе биде заменет со Марија Габриел, поранешна европска комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади, која беше избор на ГЕРБ.

Службите за безбедност сѐ уште под диригентска палка на бугарскиот претседател Радев

Многу од снимените коментари пуштени во јавноста предизвикаа гневни реакции во јавноста. Гневот беше насочен кон иднината на безбедносните служби и обвинувањата дека тие се под ефективна контрола на Радев.

Како одговор на снимените зборови на Радев дека сите идни назначувања на безбедносните служби ќе бидат направени во консултација со „амбасадите“, висок член на коалицијата ПП-ДБ, Радостин Василев, во јавноста изјави дека сите такви потези ќе ги преземат Бугарите, но дека шефовите на безбедносните служби мора да имаат доверба во партнерите во НАТО. Тој додаде дека е нормално да се консултира со тие партнери, од кои многу се лоцирани во амбасадите во Софија. Сепак, таквите напори да се разводни и омекне ситуацијата не ги смирија страстите кај разгневената политичка јавност. Многу политичари продолжија да се фокусираат на планираното „само шминкање“ на безбедносните служби, а не суштински промени и излегување од ефективната контрола на претседателот Радев.

Ден по објавувањето на аудиоснимката, партијата Преродба, БСП, како и популистичката партија Има таков народ кажаа дека тоа е „национално предавство“! Преродба дури сугерираше дека ќе ги повика обвинителите да истражат за извршено кривично дело – предавство. Во исто време, Петков ги отфрла тврдењата дека неговата партија координирала со странските амбасади за какви било идни кадровски промени во безбедносниот апарат на земјата.

За потсетување, на 27 мај, потпретседателката Илијана Јотова зборуваше за измислен „заговор против бугарската државност“. Повторувајќи ги тие алармантни забелешки, Габриел, кандидатката за премиер на ГЕРБ, предупреди на „тресење на темелите на државноста“, пред да објави дека ги замрзнува преговорите за формирање кабинет.
Од своја страна, Радев негираше каква било контрола врз безбедносните служби, тврдејќи дека тие биле „сериозно реформирани“ и ја обвини „Продолжува промената“ за заговор за „погром“ на безбедносните гранки.

Седум дена откако Денков и Габриел ја објавија подготвеноста на нивните партии да формираат кабинет, на 29 мај обрачот се стегаше. Претседателот на парламентот, Росен Желјазков, член на ГЕРБ, закажа сослушување на шефовите на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), како и на странско разузнавање и воено разузнавање по барање на партијата Преродба.

ДАНС ја обвини поранешната влада на Петков дека работела „против интересите на Бугарија“ во однос на Македонија

Во Националното собрание, „Продолжува промената“ беа критикувани од сите шефови на разузнавачки служби. Директорот на ДАНС дури ја обвини поранешната влада на Петков дека работи „против интересите на Бугарија“ во однос на Македонија.
Мустафа Карадаи, претседателот на Движењето за права и слободи, партија на десниот центар што ги претставува етничките Турци и другите муслимани, исто така револтирано се искажа за постоење „лазечки фашизам“ и предупреди на немири доколку власта ја преземе власта под мандат од ПП-ДБ. И Костадин Костадинов, лидерот на партијата Преродба, од собраниската говорница повика на апсење на челниците на ПП.

Денков се соочува да состави одржлив кабинет со огромен хендикеп бидејќи ГЕРБ, клучната страна во какви било разговори, привремено се откажа од какви било понатамошни преговори, наведувајќи ја контроверзноста на аудиоснимката.
Новиот премиер на Бугарија, Денков, јасно стави до знаење дека наводната контрола на Радев врз безбедносните агенции ќе биде на врвот на агендата на новата влада.
– Агенциите за безбедност треба да ѝ служат на Бугарија. Сега нивните глави ги назначува само еден човек – тоа е претседателот Радев – рече Денков.