Воените злосторства во Косово повторно во фокусот

Апелацискиот совет на Специјализираниот суд за Косово, со седиште во Хаг, ги отфрли жалбите на поранешните водачи на ОВК, Хашим Тачи и Кадри Весељи. Тие поднесоа жалба на одлуката на судијата на претходна постапка од 23 декември, со која обвинителството може делумно да го измени обвинението во случајот против нив и уште двајца водачи на ОВК, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Сепак, Апелацискиот совет се согласи со судијата на претходна постапка дека предложените измени на обвиненијата остануваат ограничени, бидејќи тие не ја менуваат природата на постојните обвиненија, не воведуваат нови кривични дела или нови видови одговорност.
Првата категорија предложени измени на обвинението се однесуваат на два дополнителни логора и 12 дополнителни жртви, амандманите од втората категорија претставуваат два дополнителни случаи на прогон и убиства во споменатиот логор, а третата категорија на амандманот се однесува на два дополнителни случаи на лична вмешаност при заплашување, испрашување, малтретирање и притворање противници на ОВК.
Ставот на Жалбениот совет е дека барањата на Тачи и на Весељи за поништување на одлуката на судијата не се оправдани, бидејќи постапил во рамките на своите дискрециски овластувања и заклучил дека новите обвинувања повеќе нема „неоправдано да ја одолжуваат постапката“ со новите чекори што ги бараат. Овие чекори, според судијата, би можеле да се спроведат „паралелно“ со преостанатите фази од подготовките за судењето и затоа би имале „поограничено влијание“ на времетраењето на постапката.

Тачи, како и Јакуп Красничи, Кадри Весељи и Реџеп Селими, е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во повеќе од 40 логори во Косово и во северна Албанија, каде што луѓето беа неоправдано лишени од слобода, мачени и убиени. Тие се соочуваат со доживотен затвор.
Во обвинението се наведува дека Тачи, Весељи, Селими и Красниќи сносат индивидуална кривична одговорност, според различни форми на кривична одговорност, за злосторства извршени во контекст на немеѓународниот оружен конфликт на Косово, кои биле дел од широк и систематски напад врз осомничени лица што биле против ОВК. Делата за кои се обвинети се извршени меѓу март 1998 и септември 1999 година најдоцна, на неколку места во Косово, како и во Кукс и во Чахан во северна Албанија.
Според обвинението, делата ги извршиле припадници на ОВК против стотици цивили и лица што не биле активни учесници во воените дејства.
Тие се обвинети по 10 точки, од кои шест се однесуваат на злосторства против човештвото и четири за воени злосторства. Злосторства против човештвото во овој случај се прогон, затвор, други нехумани дејства, тортура, убиства и присилно исчезнување.
Воените злосторства за кои се товарат се незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиства.