Фото: Игор Бансколиев

Европската комисија во средата го одобри Договорот за партнерство со Бугарија, во вредност од 11 милијарди евра за периодот 2021 – 2027 година. Заедно со средствата од Планот за закрепнување, во вредност од речиси 6 милијарди евра, Бугарија ќе има пристап до над 16 милијарди евра од ЕУ за седумгодишниот период. Договорот за партнерство е основата врз која започнува работата на оперативните програми. Тој ја дефинира инвестициската стратегија на земјата во областа на кохезионата политика за седумгодишниот буџетски период. Договорот за партнерство ги опфаќа Европскиот фонд за регионален развој, Европскиот социјален фонд плус, Кохезивниот фонд, Фондот за праведна транзиција и Европскиот фонд за поморство, рибарство и аквакултура.
Поконкретно, Брисел ќе ѝ додели на Софија 2,4 милијарди евра за постигнување на климатските цели. Од нив, со 600 милиони евра ќе се помага за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија. Бугарија ќе добие средства и за рециклирање на 70 отсто од целиот отпад од пакување. Инвестиции ќе бидат насочени и кон помош за населението што живее во ризик од природни катастрофи – на пример поплави или шумски пожари.
Фондовите ќе ѝ помогнат на Бугарија да ја подобри инфраструктурата, особено во послабо развиените региони, вклучувајќи и за изградба на тунел под Стара Планина. Стотици милиони евра ќе бидат инвестирани за подобрување на бизнис-климата преку финансирање мали и средни претпријатија. Бугарија ќе може да инвестира 2,6 милијарди евра за да го подобри пристапот до вработување, да ги зголеми вештините за луѓето да можат успешно да се движат низ двојната еколошка и дигитална транзиција, како и да гарантира еднаков пристап до квалитетно и инклузивно образование и обука. Над 220 милиони евра ќе бидат инвестирани и во социјално-економска интеграција на маргинализираните заедници, како Ромите.
Процените се дека благодарение на ова финансирање од ЕУ, ќе се намали предвременото напуштање на училиштето од 12,8 на 7 отсто до 2030 година. Учеството на возрасните во активностите за учење се очекува да се зголеми од 24,6 на 35,4 отсто, додека вработеноста се очекува да се зголеми од 73 на 79 отсто. Се очекува населението во ризик од сиромаштија и социјална исклученост да се намали за 0,8 милиони луѓе (од 2,3 на 1,5 милион луѓе).