Габриел Ескобар (лево) и Мирослав Лајчак/Фото: Твитер/Мирослав Лајчак

На Косово се очекува американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар и специјалниот претставник на Европската Унија Мирослав Лајчак да ги убедат српската и косовската страна да постигнат договор за прашањето на регистарските таблички и документи, како и да ги намалат тензиите, при нивната посета на регионов неделава.

Посетата на Ескобар и на Лајчак на Приштина и на Белград претставува обид да се влијае врз двете страни да најдат заеднички прифатливо решение до 1 септември, смета аналитичарот Неџмедин Спахију.

– Ако до тоа не дојде, веќе на 1 септември ќе имаме нов судир помеѓу косовската полиција и паралелните структури на северот на Косово, а исходот може да биде трагичен, така што се надевам дека сепак ќе дојде до договор пред тоа – вели Спахију во изјава за „Гласот на Америка“.

Новинарот Ѓорѓе Јевтиќ пак, очекува Ескобар и Лајчак да ги смират тензиите помеѓу Белград и Приштина настанати поради одлуката на косовската влада за пререгистрација на возила и издавање на посебни документи на оние што влекуваат на Косово со српски лични карти, според „Гласот на Америка“.

Предвидено е Ескобар и Лајчак да се состанат со претставници на косовската власт и опозиција, како и со претставници на локалните Срби за време на нивната посета на Косово, а потоа ќе се упатат во Белград. Ескобар вчера имаше состанок со косовската претседателка Вјоса Османи.