Најголемата опасност ќе ни доаѓа од данскиот бек Габриел Лундберг (27), кој има НБА-искуство, а сега потпиша за Виртус Болоња, како и од сите високи играчи, но не затоа што тие се многу добри, туку затоа што ние не можеме целосно да одговориме на нивните позиции, вели селекторот Јончевски

КОШАРКА – МАКЕДОНИЈА УТРЕ ПРОТИВ ДАНСКА ГИ ПОЧНУВА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025

Македонската машка кошаркарска репрезентација предводена од новиот селектор Александар Јончевски, утре во Нествед (19 ч.), ќе го одигра првиот натпревар од групата Д против домаќинот Данска, во рамките на претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Три дена подоцна, в недела во Скопје, во СРЦ „Кале“, ќе гостува селекцијата на Словачка. Во групата е уште Норвешка, а само првопласираната репрезентација од секоја група ќе игра во квалификациите за ЕП во 2025, додека другите три што нема да успеат да бидат први ќе имаат дополнителна шанса понатаму.
– Се соочуваме со проблеми во играчкиот состав против Данска. Љубомир Младеновски поради истегнати лигаменти не можеше да дојде на подготовките, Адем Мекиќ сѐ уште влече повреда од последниот натпревар со репрезентацијата, Бобан Стаиќ исто таке е повреден, Шејн Витингтон има ситна повреда, додека Џејкоб Вајли поради ангажман во Јапонија не можеше да дојде. Сето ова наведува дека можеби ќе треба во одредени периоди против Данска да играме брза кошарка со дури четворица ниски играчи – ни изјави новиот селектор Јончевски, кој дојде на местото на досегашниот Драган Бајиќ.
Играта на Данците, како и сите репрезентативци се целосно „скенирани“.

– Ја анализиравме нивната игра и гледавме видеоматеријали на сите 15 дански кошаркари што се на списокот на селекторот за дуелот со нас, иако во овој период на подготовки тие не одиграа контролен меч. Најголемата опасност ќе ни доаѓа од бекот Габриел Лундберг (27), кој има НБА-искуство, а сега потпиша за Виртус Болоња, како и од сите високи играчи, но не затоа што тие се многу добри, туку затоа што ние не можеме целосно да одговориме на нивните позиции – дециден е Јончевски.
Сепак оптимизмот кај сите во македонскиот табор е на завидно ниво во овој циклус на претквалификации и покрај високиот пораз на гости од Црна Гора во рамките на подготовките, кои, пак, се одвиваа во Маврово и во Скопје.
– Високиот пораз од Црна Гора малку негативно влијаеше на психолошки план, но сите сме оптимисти, а лично верувам дека секој што ќе настапи против Данска ќе го даде максимумот, но и во целиот циклус на претквалификациите, оти во подготвителниот период сите вредно тренираа и одговорија на поставените задачи. Во Данска е предвидено да одржиме два тренинга, но можно е и трет на денот пред самиот натпревар. Групата Д во која е Македонија можеби е неатрактивна, но тоа не значи дека и лесно ќе ја минеме. Сепак, јас верувам дека можеме да бидеме први на крајот во групата, но и да не успееме постои и втора шанса, оти од трите селекции од сите групи што нема да успеат сега потоа ќе се формираат нови групи – ни изјави Јончевски. Г.И.


Познат составот за Нествед

Според расположливиот состав, македонскиот селектор Јончевски за дуелот со Данска се одлучи за следниве 12 кошаркари: Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Кристијан Николов, Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски, Стојан Ѓуроски, Теодор Симиќ, Дамјан Робев, Андреј Маслинко, Андреј Јакимовски, Виктор Ефремовски и Димитар Пандев.


Чековски е нов тим-менаџер на репрезентацијата

Поранешниот истакнат македонски кошаркарски репрезентативец Ѓорѓи Чековски (43) е назначен за нов тим-менаџер на машката репрезентација на Македонија. Крилниот центар мина долго време на теренот играјќи речиси до својата 40-та година, односно повеќе од две децении, почна во Работнички, а играше во Алумина, Слован, Приштина, Академик, Черкаски Мавпи, Фени Индустри, Феро и МЗТ Скопје. На почетокот од годината си замина од Работнички каде што ја извршуваше функцијата спортски директор.