Разгледници од Охрид

Се случува преку лето намерно да заскитам во некои периферни предели, каде што градот изнемоштува пред природата и каде што, освен неколку ретки капачи, крај водата ќе се појави осамен риболовец аматер, со отфрлен велосипед зад него и вклучен транзистор до него. На работ од преполнетото летувалиште, овие места како да се на работ од познатото, па по десетина чекори, со извесна немарност, дури расеаност, ги пуштам телото и мислите да ми се движат олабавено. Дури и двата лебеда со паралелно издолжени вратови што тромаво бродат по езерото на десетина метри од мене се прават дека се сами.
И мене, вака сам, ми е сосема пријатно.

* * *
Лежам на грб во креветот на мојата спална во Охрид и зјапам во таванот. Крајно време е собава да се бојадиса. Минаа пет, можеби шест години од претходното варосување. При врвот на ѕидот во самиот агол гледам едно дупче со расцутени краци. Ги бројам – осум. Ми личи на пајак, ама не се мрда. Испружен се обидувам да распознаам што е тоа: пукнатинка во ѕидот или инсект? Си велам: – Ќе лежам вака уште барем петнаесет минути и ако „тоа“ не се мрдне, сигурно не е живо, туку пукнатинка, мал производ на времето. Се воздржувам следните петнаесет минути сосредоточен во таванот… и ништо, без промена. Станувам и од страна, повисок за метар и триесет сантиметри, пак зјапам нагоре. Од оваа позиција, глетката станува тридимензионална. Сега е повеќе од јасно дека горе, над мојата глава, се залепил голем, баш голем пајак.
Како и инсектот да ја сфаќа новата ситуација. Одеднаш сите осум краци почнуваат да се движат и животното со несомнена брзина се дава во бегство. Го фаќам првиот предмет, една крпа, и потскокнувајќи, се обидувам да го треснам. Но само малку го поткачив – противникот беше премногу брз за мене. Го претрча таванот и веќе се спушташе во сигурноста на темницата зад орманот. Пред да ми исчезне од видикот, го погодив уште еднаш, овој пат попрецизно: со отфикарена нога падна на подот, но се дочека на преостанатите нозе и зашеметен, ранет, се влечеше панично, обидувајќи се да се вовлече меѓу двете ребра на паркетот. Но сега јас бев во предност, со навлечена нанула го газам неговото големо рането тело.
Ја собувам нанулата: тој пригмечен, веќе мртов, а пипците сѐ уште треперат.
Салфетата со која ја избришав нанулата ја фрлам во веце-шолјата. Пуштам вода.
Се враќам во собата, ама некако не ми е повеќе до лежење.
Ајде на плажа, си велам речиси луто, ќе го пропуштиш капењето.