Фото: Принтскрин

Четири деца загинале во пожар во Нови Пазар, Србија, додека нивните родители се повредени, објави РТС. Пожарот избил во станбена зграда околу 7 часот утринава.

Од српското МВР соопштиле дека пожарникари дошле на местото на пожарот за неколку минути и при влез во опожарениот објект наишле на децата за кои се претпоставува дека страдале од задушување. Родителите биле во соседната просторија и тие се пренесени во болница.

Се смета дека пожарот избувнал многу порано од пријавата до службите, бидејќи огнот веќе се разгорел кога пристигнале пожарникарите. Двајца случајни минувачи го забележале пожарот и заедно со соседите тргнале да помогнат, но поради силниот оган не можеле доволно да се приближат.

– Го видов пожарот, ја отворив вратата и видов двајца момци како трчаат горе. Пожарот бил во ходникот. Го скршивме стаклото за да го земеме противпожарниот апарат и се качивме. Брзо дојдоа противпожарната служба, брзата помош и полицијата – изјавил еден од очевидците на пожарот за српските медиуми.

Огнот бргу бил изгаснат, а истрагата треба да ги утврди причините за пожарот и за смртта на децата.