Бугарската асоцијација за природен гас и голем број други експерти повикаа на укинување на мораториумот за гас од шкрилци, воведен пред десет години

Врз основа на студијата спроведена во 2013 година, се проценува дека ресурсите на гас од шкрилци во Бугарија изнесуваат 481 милијарда кубици, но во земјата не постои политичка волја за да се дозволи производство на гас. И наместо да се сконцентрираат на решавање на ова важно енергетско прашање, бугарските политичари го трошат времето во бесмислени расправии со соседите

НЕСПОСОБНОСТА НА БУГАРСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ СЕ ОГЛЕДА И ВО МЕНАЏИРАЊЕТО НА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

Бугарија располага со природни резерви за околу 500 милијарди кубни метри гас од шкрилци, но актуелното законодавство не дозволува негова експлоатација. Бугарската влада засега нема намера да го промени ова статус-квото, и покрај тоа што Русија ги запре испораките на гас, анализира „Еуроактив“.
На годишно ниво, на оваа земја ѝ се потребни три милијарди кубици. Рускиот прекин во испораката на природен гас ја принуди Бугарија на итна набавка на американски природен течен гас и ги наведе експертите да го стават на дневен ред користењето неконвенционален гас. Бугарската влада веќе соопшти дека нема да биде продолжен договорот со руски „Газпром“, кој истекува на крајот на годинава. За да се намали сериозната зависност на Бугарија од рускиот гас и нафта, стручњаците од Бугарскиот енергетски и рударски форум, Бугарската асоцијација за природен гас и голем број други експерти повикаа на укинување на мораториумот за гас од шкрилци, кој беше воведен пред десет години.

Мораториум за експлоатација

Со мораториумот на истражување и екстракција преку технологија на хидраулично фрактурирање (фракирање) од 2012 година, гасот од шкрилци беше исклучен како енергетски ресурс. Мораториумот дојде како последица на протестите од локалното население и активистите за заштита на животната средина, како и од притисокот од екстремно десничарската Атака, Бугарската социјалистичка партија и веќе расформираната партија Ред, закон и правда.
Пред мораториумот, три компании претендираа за експлоатација на гас од шкрилци: „Парк плејс“, која дупчеше во близината на селото Вранино, општина Каварна, „Директ петролеум“ во близината на селото Девенци и „Русгеоком“ во регионот Добруџа. Бугарите беа држени во незнаење во однос на подземните ресурси со кои располага нивната земја, и покрај неколкугодишните интензивни геолошки истражувања во северна Бугарија, се додава во анализата.
Според различни процени, ресурсите на ваков гас во земјата се проценуваат на околу 500 милијарди кубни метри. Врз основа на студијата спроведена во 2013 година од страна на „Директ петролеум“, Американската управа за енергетски информации (ЕИА) проценила дека ресурсите на гас од шкрилци во Бугарија изнесуваат 481 милијарда кубици и оваа бројка се смета за веродостојна – изјави за „Еурактив“ Христо Казанџиев од Бугарскиот енергетски и рударски форум (БЕМФ).
Според неговото мислење, 30 милијарди кубни метри природен гас може да се извлечат и без употреба на методот на фракирање.

Бугарската позиција и европскиот контекст

Се чини дека и денес уште не постои политичка волја за да се дозволи производство на гас од шкрилци во Бугарија. Против укинувањето на мораториумот беше министерот за животна средина Борислав Сандов. Тој беше еден од учесниците на масовните протести против фракирањето, а стана министер како претставник од Движењето на зелените. Претседателот на парламентарниот Комитет за животна средина и води, Манол Генов (БСП), исто така беше непоколеблив во ставот дека мораториумот треба да остане во сила. Тој изјави за „Еурактив“ дека потенцијалното производство на гас од шкрилци би можело да има „опасни последици по животната средина“, затоа што би ги загрозило ресурсите на подземните води.
Во 2014 година, по анексијата на Крим и прогласувањето на сепаратистичките републики Доњецк и Луганск, Европската комисија го фокусира своето внимание кон потенцијалите на гасот од шкрилци. Во своето соопштение до Европскиот совет и парламент во однос на истражување и производство на јаглеводороди во рамките на ЕУ, Комисијата нагласи дека најголемиот европски потенцијал меѓу неконвенционалните фосилни горива се крие токму во гасот од шкрилци. Сепак, осум години подоцна, во Европа не постои производство на гас од шкрилци, и покрај истражувањата во Полска, Романија, Бугарија, Литванија и неколку пилот-проекти за негова екстракција. Мултинационални компании, како „Шеврон“, „Ексон мобил“, „Ени“ и други, едноставно се повлекоа од Југоисточна Европа. Причината е иста – протестите на локалните заедници и екологистите, поради страв од загадување на подземните и површинските води во текот на процесот на извлекување гас од шкрилци.

Подготвил: Митко Јовановски