Сѐ уште се свежи сеќавањата како и колку Грција се противеше Македонија да ги почне преговорите сѐ додека не го смени уставното име. Сега истото тоа го прави Бугарија, која бара Македонија да прифати дека имаме заедничка историја и оти македонскиот јазик не постои за да ја крене блокадата за почеток на преговори на релацијата ЕУ – Македонија. Но на Балканот ваквата појава не е осамена

Лошите искуства од меѓусоседските односи во регионов ги потврдуваат стереотипите за Балканот

Одамна се познати антагонизмите на релацијата Србија – Хрватска и обратно. Овие две земји се во затегнати односи уште од 1990-тите години, па сега Хрватска се обидува да ја искористи својата позиција да наметне прашања што се во нејзин интерес. Најпрво беа ликот и делото на научникот Никола Тесла, за кого двете земји сметаат дека е нивен, а сега, пак, меѓу Загреб и Белград стојат прашањата од Втората светска војна. Конкретно, Хрватска се закани дека ќе ја блокира Србија затоа што српските власти му ја дале на Израел целата документација за злосторствата на усташите во времето на НДХ.
Како што пишуваат медиумите, на Израел му се дадени 162.000 страници за прогонот и страдањето на Евреите во логорот Јасеновац во Хрватска за време на владеењето на усташите на Анте Павелиќ. Од своја страна, пак, Хрватите се повикуваат на анекс за сукцесија според кој Србија требало оригиналните архивски документи да им ги даде на властите во Загреб.
Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин нагласува дека не е проблем што тоа злосторство се случило, туку што Хрватите немаат храброст да се соочат со НДХ и да признаат дека тоа било политика на еден цел народ и дека од тоа мораат да се оградат.
Ако мораме да ги премолчиме фашистичките ужаси во НДХ за да влеземе во ЕУ, можеби и не мораме во таа Европска Унија. Јас во ЕУ не сакам да одам преку коските на моите предци. Ако патот кон ЕУ е лечење на хрватскиот комплекс, мора добро да размислиме дали сме за ЕУ – смета министерот за полиција.
Покрај ова, Хрватска и Србија имаат многу нерешени прашања, но Загреб вешто ги одбегнува овие прашања и се заканува со вето за Србија, која веќе е длабоко навлезена во преговорите.