Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто, а бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336 или за 6,1 отсто.

Зголемен е и бројот на станови за 141.031 или за 20,2 отсто.

Како што соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите, просечно домаќинство брои 3,06 члена.

Бројот на станови изнесува 839.174.

Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи.

Вкупниот број на жители во градот Скопје изнесува 526.502 лица и во споредба со пописот од 2002 година е зголемен за 3,9 проценти, покажува Пописот спроведен во 2021 година.

-Бројот на домаќинства во град Скопје изнесува 171.171 и во споредба со 2002 се забележува зголемување за 16,8 проценти – соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите.

Како што рече Симовски, зголемен е и бројот на станови во Скопје. Изнесува 213.850 станови што е пораст во однос на 2002 година за 30,6 проценти.