Повод за рециклирање на замрзнатиот конфликт меѓу Турција и Грција беше поморскиот инцидент на турски товарен брод со патрола на грчката крајбрежна стража, кој се случи во саботата кај турскиот брег на Егејско Море. Турските медиуми објавија видео снимено од екипажот на бродот, во кое се прикажани дупки од куршуми во прозорците и на самиот брод, направени од оружје со помал калибар. Грчката крајбрежна стража, пак, тврди дека кон пловилото биле испукани само предупредувачки истрели. Во секој случај, инцидент со употреба на боева
муниција се случил, а тоа може да иницира судир од поголеми размери
Повторно сериозни тензии меѓу земји-членки на НАТО
Тензиите на релацијата Анкара – Атина повторно пораснаа по поморскиот инцидент во саботата, кој беше повод за канонада од официјални изјави и соопштенија од едната и од другата страна. Повод за рециклирање на замрзнатиот конфликт беше инцидентот со турски товарен брод, кој во саботата се судри со патрола на грчката крајбрежна стража, кај турскиот брег на Егејско Море. Двете земји дадоа спротивставени извештаи за инцидентот. Турските медиуми објавија видео снимено од екипажот на бродот во кое се прикажани дупки од куршуми во прозорците и на самиот брод, направени од оружје со помал калибар. Според турската страна, бродот „Анадолија“ под знамето на Коморите претрпел помала штета од грчко стрелачко огнено оружје. Грчката крајбрежна стража, сепак, инсистира на тоа дека кон пловилото биле испукани само предупредувачки истрели.
Агенцијата „Асошиејтед прес“ јавува дека не е јасно зошто дошло до пукањето. Турција долго време тврди дека Грција ги прекршува меѓународните договори со стационирање војници на островите во близината на турскиот брег на Егејско Море, а исто така ја обвини Атина дека со нејзината противвоздушна одбрана цели кон турски авиони за време на вежбите на НАТО над источниот Медитеран. Грција одговара дека мора да ги брани источните острови, вклучувајќи ги и туристичките одморалишта Родос и Кос, кои се поблиску до турскиот брег отколку до грчкиот брег.
Во врска со последниот случај, Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека товарниот брод бил под „малтретирачки оган“ од грчката крајбрежна стража додека пловел кај турскиот остров Бозџада во меѓународни води. Два брода на турската крајбрежна стража биле испратени да му помогнат на „Анадолија“, но грчкото пловило ја напуштило областа откако ги детектирало турските бродови што се приближувале, тврди министерството.
Според грчката крајбрежна стража, пак, „Анадолија“ бил пронајден како се движи „сомнително“ во грчките води северозападно од Лезбос, голем грчки остров што се наоѓа во близината на турскиот брег. Крајбрежната стража стапила во контакт со „Анадолија“, го повикала да го промени својот курс и да ги напушти грчките територијални води. Бродот, сепак, не се придржувал до предупредувањата и поради тоа биле испукани предупредувачки истрели „во безбедна област“, тврди грчката страна. Бродот не застанал, дури и додека бил под оган, а на крајот избегал во турските територијални води.
Овој инцидент дојде во период на затегнати односи помеѓу двете земји, сојузници на НАТО, Грција и Турција, кои постојано се наоѓаат на работ на оружен конфликт поради територијални спорови. Новата рунда тензии започнаа на 23 август, кога, според турското министерство за одбрана, Грција распоредила системи за противвоздушна одбрана „С-300“ од руско производство за да ги гаѓаат турските „Ф-16“ за време на мисијата на НАТО. Грција го негира ова.
Во последните денови, реториката меѓу двете земји нагло ескалира. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу ја предупреди Грција за последиците во случај на „авантура на сметка на другите“.
– Ако се впуштите во авантури на сметка на другите, ќе ги трпите последиците. Ова е предупредување за Грција – рече Чавушоглу, говорејќи во Анкара.
Претходно турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Грција ѝ се заканува на Турција со системи за противвоздушна одбрана „С-300“ и дека ќе плати „тешка цена“ ако „оди понатаму“. На ова се надоврзува и изјавата на турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар дека Анкара очекува објективност од НАТО во врска со употребата на „С-300“ од страна на Грција во потера по турски авиони. Според него, Грција ги игнорира меѓународното право, добрососедските односи и пријателството.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, пак, испрати писма до шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за заканата од сериозен конфликт со Турција во врска со провокативните изјави на турските политичари.
Под слоганот „Конзистентност, континуитет, стабилност“ говореше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, осврнувајќи се на низа теми, меѓу кои и надворешната политика, и упатувајќи остра порака до турскиот претседател. За грчко-турските односи тој рече дека Грција, „на провокативното крешендо на Турција“ одговара со зајакнувањето на армијата, со градењето меѓународни сојузништва, со посветеноста на меѓународното право, но и единството на народот и упати остра порака до претседателот на Турција, употребувајќи ја грчката верзија од турскиот збор „кабадаија“.
– На заканите што доаѓаат од другата страна од Егејско Море, одговор дава еден грчки збор што ја собира целата сила на нашата нација: Не, господине Ердоган. И да го кажам на јазикот што подобро го разбира: Силеџиство јок со Грција – порача Мицотакис, при што неговата изјава предизвика аплаузи и овации од присутните во салата.
Запрашан од „Асошиејтед прес“ на прес-конференција во Солун дали неодамнешната ескалација на реториката од Турција, предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган, може да биде увертира за оружен конфликт, Мицотакис одговори – не.
– Не верувам дека тоа некогаш ќе се случи. И ако, не дај боже, се случи, Турција ќе добие апсолутно поразителен одговор. И мислам дека тие многу добро го знаат тоа. Турција е свесна за подготвеноста на грчките сили – рече тој.
Подготвил: Mарјан Велевски