Италијанската полиција соопшти дека лани производството на марихуана во Албанија се зголемило дванаесет пати, што премиерот Еди Рама остро го негираше, велејќи дека ваквите тврдења немаат никаква основа. Производството на марихуана во Албанија е зголемено за 1.200 отсто, објави италијанската телевизија РАИ, повикувајќи се на полициски извештај.

Тврдењата во овој извештај се изненадувачки затоа што во 2014 година албанските власти започнаа низа активности против одгледувачите на марихуана, во кои беа уништени илјадници садници. Статистиката од тоа време покажа дека производството на марихуана се проценува на половина од бруто националниот производ на Албанија.

Премиерот Рама го нарече извештајот на полицијата за срамен, наведувајќи дека информациите во документот „немаат никаква основа во реалниот живот“. Слично реагираа и претставниците на Министерството за внатрешни работи и опозицијата.

Сепак, италијанската полиција тврди дека околу 100.000 стебла марихуана во моментов растат во Албанија, со што земјата е на врвот на производителите на дрога. РАИ, исто така, ја цитираше изјавата на обвинителот Џакомо Каталдија, кој објасни дека со производство на марихуана албанската мафија „акумулира огромна сума пари, со што ја презеде водечката улога во останатите криминални активности ширум Европа“.